Ретроспектива – Трибина за закон за студентско организирање

ТЕМА: СТУДЕНТСКО ОРГАНИЗИРАЊЕ
РЕТРОСПЕКТИВА – ТРИБИНА ЗА ЗАКОН ЗА СТУДЕНТСКО ОРГАНИЗИРАЊЕ ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА МОФ
КОЕ Е НАЈДОБРОТО ОД СИТЕ МОЖНИ АЛТЕРНАТИВНИ РЕШЕНИЈА ЗА СТУДЕНТСКО ОРГАНИЗИРАЊЕ?
Во контекст на темата за студентско организирање го издвојувам овој необјавен новинарски натпис за настанот – ТРИБИНА ЗА ЗАКОНОТ ЗА СТУДЕНТСКО ОРГАНИЗИРАЊЕ во Мала станица пред точно три месеци на која беа поканети на која беа поканети Манос Мoсхпулос и Антон Томичиќ, студенти активисти од Грција и Хрватска, заменик министерот за образование и наука, Сафет Незири и професорот Зоран Поповски. Панел дискусијата ја модерираше Атанас Димитров, член на Младинскиот образовен форум.

,,Јас искрено немам точен одговор што е она што треба да ја разбуди свеста кај студентската популација , за да излезе нивниот младешки дух од Пандорината кутија и да покажат дека знаат како да ги бранат своите права. Но едно знам дека квалитетот на високото образование навистина е обезвреднет затоа што секој може да се запише на факултет, но прашање е каков квалитет може да произлезе од идните кадри?” – констатираше професорот Поповски.

Каква е перцепијата на студентите за потребата од ваков закон или институционално решение за нивното органзирање?- беше едно од поставените прашања од публиката.

,,За жал, идеологијата на мнозинството студенти е како полесно да го завршат факултетот, без да размислуваат многу што ќе остават позади себе и дали ќе успеат да станат дел од историјата со некој нов изум, достигнување или минимален придонес за некоја општествена промена. A мислам дека малку размислуваме и за нашата иднина по дипломирањето , со тоа што сме премногу сконцентрирани само на испити или на студентски забави”-беше коментарот на посетител на трибината.

На прашање дали пленумот е добро долгорочно решение кое би обезбедило поголема транспарентност во студентското организирање, Антон Томичиќ, гостинот од Хрватска со образложение:
,,Ние во Хрватска го имплементиравме ваквиот модел, но сфативме дека е потешко одржлив. Сепак ви е потребно донесување некаков Закон кој ќе го регулира студентското организирање за подобро застапување за вашите студентски права на организиран начин кој би требало да овозможи координирање на студентската јавност и давање насоки на студентите како да ги остварат своите заеднички цели. “– потенцираше Томичиќ .

Дали е возможно студентите да испратат порака преку медиумите, а истата да не биде обоена и тој студент да не биде етикетиран како партиски војник или нешто слично?- запраша студент од публиката.
,,Медиумите ќе ве доживуваат така се додека вистински не се организирате т.е да ги изразите своите барања по институционален пат и доколку не бидат слушнати да преземете други поригорозни чекори, но да имате навистина голем број студенти кои нема да се плашат да го изразат својот став.

Ако излезат само 50 студенти од цел ваш најголем универзитет нормално дека ќе ве прогласат за нечии послушници, но ако излезете во голем број и организирате масовен протест тешко дека ќе може така лесно да ги оспорат вашите барања. – истакна гостинот од Грција споделувајќи го своето искуство со присутните студенти и други гости во публиката.

,,И јас се согласувам со мојот колега од Грција дека бројноста е важен фактор во студентското организирање, потребна е силна студентска организација и поддршка од мнозинството студенти. Ние одржавме масовен протест во Хрватска и во почетокот студентите, медиумите и јавноста воопшто беше скептична, но потоа не прифатија и ги разбраа нашите барања.”- рече активистот од Хрватска.

Заклучоците од оваа панел диксусија се дека е потребно студентите да покажат поголем интерес за своите права и должности и да знаат како легитимно да ги бранат, но сепак останува отворено прашањето дали институционалниот пат е најдобро решение за сите досегашни студентски проблеми и предизвици со кои се соочува студентската популација. Потребна е критична студентска маса која нема да се плаши да ги искаже јавно своите идеи, сугестии и решенија и која ќе биде обединета во креирањето иницијативи за дебатирање околу различни студентски прашања и преземање акција кон конкретна реализација на заедничките цели.

Ивана Чичоска