Стереотипи и предрасуди или емпатија и прифаќање на лицата со посебни потреби – беше насловена денешната емисија „На час“ во Радио МОФ на која гостуваа Светлана Динковски од здружението АутизамМК и Кристијан Лазарев, студент на Филолошкиот факултет и млад истражувач и Оливер Андреевски од центарот за младински активизам Крик.
Како што истакна Кристијан Лазарев, луѓето се полни со предрасуди за слепите лица, но се што треба да направат е naместо да претпоставуваат, да ги прашаат за она што им е непознато.
„Ние не сме личности со попреченост, туку ние сме лица што се соочуваме со пречки во општеството“, истакна Лазарев.
За деинституционализацијата во образованието тој посочува дека државата е се уште неподготвена, а проблемот не е само во парите.
„Многу работи може да се направат со малку средства, но потребна е волја. Сепак, треба и ние да бидеме активни и да се бориме. Во средните училишта во Скопје и факултетите на УКИМ ги нема елементарните услови за следење на настава за лицата со попреченост“, вели тој.
Вели дека законите за лицата со попречености се неконкретни и секој може да ги толкува како сака. Проблем е додава, и тоа што многу модерни помагала не се лесно достапни за слепите лица во земјава.
„Секој лист сам го прилагодувам. Го скенирам и со апликација го слушам тоа и го учам без проблем. Но, и овие технологии сам сум ги истражувал. Нашата државата е заостаната, бидејќи нема кој да не информира. За еден бел стап морам да го нарачам преку интернет“, забележува Кристијан.
Оливер Андреевски од „Крик“ посочи дека младите не знаат како да се однесуваат со децата со попреченост, но по првиот контакт сфаќаат дека се е исто .
„Доколку ние само ги критикуваме проблемите, а не ги решаваме, не правиме ништо“, вели тој.
Светлана Динковски од „АутизамМк“ која живее во Лондон направи споредба на тоа како се третираат учениците со аутизам во Англија, но говореше и за стигмата која е присутна во македонското општество.
„Има родители што живеат во заблуда и негираат, забележуваат дека детето им е поинакво, но не сакаат да имаат дијагноза. Сакајќи да направиме нешто за лицата со аутизам, сфатив колкава стигма има кај нас“, вели таа.