И по пет месеци откако беше фрлена во паркчето спроти Олимпискиот базен во Скопје, скулптурата „Риба“ останува заборавена од институциите. Од општина Центар ја префрлаат топката во Министерството за култура, од Култура пак чекаат маркичка од Центар за да ја постават скулптурата.
„Според информациите добиени од НУ Музеј на современата уметност, институција која е надлежна за скулптурите од овој проект, наскоро скулптурата ќе биде поставена на нова соодветна локација, согласно маркичката која ќе биде добиена од општината Центар, надлежна за издавање решенија за локација, а во согласност со авторката уметничката Грозданка Каникова“, одговорија од Министерството за култура.
Граѓаните пак се револтирани од односот на институциите. Велат, „Рибата“ стои фрлена со месеци, прво ги трошат нашите пари, а потоа не знаат што да прават со скулптурите.
Скулптурата Риба беше поставена во 2009 година во тревникот спроти хотелот Бристол како дел од проектот на Министерството за култура за разубавување на центарот на градот со 35 нови скулптури, проект кој чинеше околу шест милиони евра.
Во паркот каде што претходно стоеше скулптурата, сега се градат две згради за државната администрација.