Покрај неформална дружба, млади од Велес утре од 18 часот во локалниот градски парк ќе цртаат графит со ликот на Кочо Рацин.
Собирот е дел од завршниот настан „See through our eyes“, реализиран од членовите на Медиа/Арт клубот- Велес на Младински образвовен форум, кои текот на учебната година стекнаа знаења и вештини за уличната уметност. Графитот ќе се црта во близина на ракометното игралиште.
Намерата на младите креативци е да се разубави неискористениот јавен простор, да се поврзе младата популација со уличната уметност како алатка за креативно изразување, како и да се покрене свест за поголема грижа од младите и останатите граѓани на Велес за јавните површини преку младинската креативност.
Медиа Арт клубот – Велес е место за млади луѓе кои сакаат креативно да ги изразат своите ставови и идеи. Младите членови добиваат можност да научат како да снимаат видеа и аудио прилози, да создадат фото приказна, да научат за перформативна и урбана уметност итн.
Предавањата во Медиа/Арт клубот ги држат млади луѓе со искуство во различните модули. Во моментов постојат три клубови во Македонија и тоа во Скопје, Тетово и Велес кои активно работат на создавање креативни содржини на општествено релевантни теми од интерес на самите членови.
Проектот е финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.