Според наодите од анкетата спроведена во рамки на проектот ВеБЕР (WeBER), само 43% од широката јавност во шестте земји од Западниот Балкан мислат дека со текот на времето е олеснет пристапот до јавната администрација.
Анкетата насловена „Истражување на јавната перцепција за административните услуги во земјите од Западен Балкан“ е првата регионална анкета посветена на обезбедување на услуги, спроведена во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија.
Кога е во прашање прекумерната бирократија (red tape) во јавната администрација, 48% од граѓаните низ Западниот Балкан мислат дека во последните 2 години постојат иницијативи или напор од страна на нивните влади со цел да се поедностават административните процедури за граѓаните и бизнисите. Овој став го делат мнозинството граѓани во Косово (57%), но само 28% во Босна и Херцеговина, додека во Македонија, овој став го делат 51%.
„Наодот кој најмногу изненадува и кој во исто време претставува постојан предизвик, е перцепцијата дека недостасуваат механизми кои им дозволуваат на граѓаните да го дадат своето мислење за квалитетот на услугите кои ги добиваат од страна на државата. Доколу зборуваме генерално, податоците од анкетата откриваат големи варијации помеѓу поединечните земји од Западниот Балкан во однос на перцепцијата на граѓаните за различни аспекти од обезбедувањето на услуги“, вели Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика.
Само околу една третина од граѓаните ширум регионот потврдуваат дека во последните 2 години администрацијата го земала предвид нивното мислење за тоа како да се подобрат административните услуги, движејќи се од 13% во Босна и Херцеговина до 44% во Албанија, а во Македонија, ова мислење е застапено со 29%.
Покрај тоа, една третина од популацијата во регионот се согласува дека, како корисници на административни услуги, имаат можност да го искажат своето мислење во однос на квалитетот на услугите кои ги добиваат – движејќи се од 15% во Босна и Херцеговина до36% во Македонија и 38% во Косово.
„Без механизми кои обезбедуваат повратни информации, невозможно е било која власт да знае што мислат граѓаните за конкретни аспекти на обезбедувањето на услугите и кои подобрувања сметаат дека се потребни, а сепак како даночни обврзници, тие ги финансираат тие услуги. Навидум, ситуацијата укажува на тоа дека властите во регионот не се грижат за потребите на граѓаните, што може да е резултат на слаб/низок капацитет, но може исто така и да укажува на тоа дека има недостаток на разбирање на важноста на градењето на доверба во владата низ вакви механизми.”, објаснува Кацарска.
Податоците од анкетата исто така откриваат низок степен на јавна свест за достапноста на е-услуги ширум регионот, движејќи се од 19% во Босна и Херцеговина до 53% во Македонија.
„Можеме да увидиме и уште еден загрижувачки податок а тоа е дека има голема дискрепанца помеѓу подготвеноста за користењето на е-услуги и добивањето на овие услуги”, укажува Кацарска.
Само 35% од испитаниците кои се запознаени со е-услугите достапни во нивните држави, велат дека во последните 2 години, „секогаш“ успеваат да ја добијат услугата која ја побарале онлајн.