Отворање на изложбата „Фемина 8-4“ во КИЦ

Изложбата „Фемина 8-4“ ќе се одржи на 27 јуни (среда) во Салонот „Империјал I“ во Културно Информативниот Центар КИЦ  во Скопје, со почеток во 20:30 часот.

„Фемина 8-4“ претставува омаж на творештвото на македонската сликарка Ана Темкова која е препознатлива по својот интимистички сликарски израз со детали на архитектонски примери од македонски куќи, портрети, ликовни записи пропратени со мртва природа, цвеќе, огледала, ентериери и сл.

„Фемина 8-4“ создаде нови дела како реинтерпретација на едно дело на Ана Темкова со наслов „Ентериери и огледало“ насликано во техниката масло на платно, изработено во далечната 1979 год. Објективизација и реинтерпретација на едно ликовно дело е пристап кој се применува во сите временски декади. Многу ликовни уметници од историјата на уметноста во своето творештво се инспирирале од дела на други ликовни уметници. Тоа е еден концепт кој „возобновува“ многу интересен сликарски систем создавајќи сосема нов и современ ликовен потпис.

На изложбата учествуваат  петнаесетина автори од Македонија, Словенија и Хрватска. Изложбата ја организира Друштвото на ликовни уметници на Македонија во рамките на програмата на Скопско културно лето и во соработка со КИЦ од Скопје. Таа ќе биде отворена до 10 јули.