Зародиш на средношколските заедници во училиштата

Моментално имаме страшно конзервативно образование каде учениците, за жал, не се центар на образовниот модел. Тоа не е така во изминативе 5, 10, или 20 години. Тоа е така 50 години! Овој систем е граден врз други основи – дневникот, оценките, дали е строг наставникот, па се’ е прилагодено низ таа призма. Никој не сакаше да направи револуција. Мора да го смениме системот. Детето мора да е центар во образовниот систем. Мора да одиме според детето. Треба смена на системот, а не да тераме „проектче по проекче“. Тоа не е начин. Не’ чека многу работа, рече денес пратеникот Петар Атанасов, претседател на собраниската Комисија за образование, наука и спорт.

Атанасов учествуваше во панел-дискусијата „Ново средношколско организирање 2018/2019“ во „Јавна соба“, каде ставови разменуваа ученици, наставници, институции и организации.

Целта беше да се изнесат искуства од средношколските заедници, и воопшто потребата од средношколско организирање. Исто така, секој да си каже што мисли за законските измени за ученичкото учество, но и за предизвиците кои ги „влече“ неговата имплементација.

„Во моментов, колку што ми е познато, Законот за основно образование е подговено над 90%, но Законот за средно образование не е во фаза за да оди понатаму во процедура. Бара уште доработка. Треба добро законско решение, прифатливо за сите заинтересирани страни. И за тие што ќе го употребуваат, и за оние што ќе мислат дека нема да им треба, а ќе им треба. Многу е важно. Подобро на ваков начин да работиме, отколку да печатиме учебници кои никој нема да ги сака. Многу дефиниции претставени на традиционален и конценционален начин – на никого не помогнале. Нема подобра практична работа од добра теорија. Меѓутоа, на оваа возраст, ова не изгледа така. Дебатата е многу важна во демократскиот процес, многу е важно градењето политики, но тие се само еден дел, елемент од демократскиот процес“, рече Атанасов.

Според него, примарна идеја за организирањето на средношколците во училиштата, е од нив да се создадат граѓани. Ако го сакаме тоа, вели тој, треба да им дозволи простор и елементи, мотивација, соработка… Доволно од се’, за да станат граѓани.

„Не ни’ се потребни само учебници. Ни треба активност, процес низ кој учиме да станеме граѓани. Не политичари. Не експерти. Пред се’ граѓани. Ја знам Декларацијата, вчера по вторпат ја читав. Тоа е некаков идеал што некој 1975 година го ставил на маса. И ми стана јасно зошто е таква – зошто има двајца претставници од Финска. Моделите се отидени 50-100 години напред, ние не можеме веднаш, но треба да почнеме да работиме“, смета тој.

Понатаму, за да се подигне и свеста, треба да се убедат граѓаните дека ваквото организирање е добро за сите. Дека е добро за младите.

„Текот на процесот ќе каже како треба. Не сите деца сакаат да бидат активни. Да го почитуваме тоа. Но, тие што сакаат да бидат активни се потребни на општеството. Луѓе кои знаат што е идеја, како од утре сабајле да се организираме, како идејата да ја претвориме во нешто, како да најдеме сојузници…“, рече Атанасов.

Ана Попризова, психолог од гимназијата „Орце Николов“, нагласи дека нивната ученичка заедница е меѓу најактивните во Скопје. Заедницата била прилично замрена до пред неколку години, меѓутоа по иницијатива на невладини организации, по низа обуки за поддршка на учениците, последниве години се создава мрежа. Со вмрежувањето излегуваат квалитетни проекти. И го покриваат оној дел на активности на младите кои им се потребни, а се од домен на неформално образование.

Според неа, важно прашање е комуникацијата на администрацијата, со наставниот кадар. Тоа треба да биде идно поле за работа. Смета, јазот е голем и наставниците треба да се охрабрат, за да ги поддржат младите.

„Да не се фолираме. Нашиот воспитно-образованен систем е прилично конвенционален и традиционален. И сигурна сум – на наставниците им треба многу поддршка. Да разбираат дека младите можат да ја превземаат одговорноста за себе, и дека младите можаат да влијаат во природните средини. Се’ уште наставните се кријат зад авторитетот на дневникот. Од друга страна, ученичките заедници функционираат на кратки акции, не со клучни прашање. Се’ уште во вид на ситни активности, повеќе култура и забава. Пред младите остануваат важни прашања, бидејќи, проблемите во образовниот систем сите ги живееме. Што ќе се случува кога младите ќе ги постават темите за квалитетна настава, програми, работа на наставниците, начин на оценување? Ние како образовен систем, како наставници треба да сме подготвени да одговориме. Наставниците и учениците да станат партнери“, нагласи Попризова.

Исто така, нагласи таа, домашниот воспитно-обвразовен систем го негува моделот на компетиција. Децата што учествуваат во натпревари се наградени, но изоставува моделот на соработка.

„Ако сакаме младите да ги мотивираме да учествуваат во заедници, тоа треба некако да се вреднува во системот. Бидејќи некој ќе си рече – подобро дома ќе си седам, ќе си вежбам математика. Ќе одам на натпревар. На овој начин, само ги држиме младите во пасивна позиција. Добри се тие што сакаат да одат по натпревари, но исто добри се и тие што можат да свикаат заедница, да организираат настан, акција“, нагласува таа.

Горазд Орданоски, претседател на средношколската заедница од „Георги Димитров“, смета дека новиот закон би помогнал при градењето на самите организации во училиштата, но и и на самите средношколци како луѓе.

„Многу сум гневен, бидејќи како млади поседуваме се’ што ни е потребно, па жалам затоа што треба да се појави некаков бојкот, за да не’ научи дека можеме да се организираме, да направиме промена. Затоа, многу е важна средношколската заедница. Ако се официјализира вакво тело, би имале шанса сите средношколци да придонесат за своето училиште“, рече тој.

Според Орданоски, средношколците немаат официјална рамка која би им дозволила да дојдат до искуство. Да добијат самодоверба за да се активираат.

„Моето искуство во училишната заедница започна во трета година, но не беше толку организирана. Без правилник, мисија, визија… Морам да признаам – тоа не функционираше! Благодарение на неколку организации, увидовме дека можеме нешто да промениме. И тоа од најмалите работи. Мене ми помогна да се активирам, да имам некаков збор, став. Приметувам дека и во други училишта веќе се организираат заедници, ‘Орце Николов’, ‘Никола Карев’… Многу настани, ангажман за внатрешниот изглед на школото, помош при незгоди на ученик и сл.“, вели Орданоски.

Свое искуство даде и Вероника Станоевска, претседателка на средношколската заедница во „Панче Караѓозов“ (медицинското). Таа е матурантка, сега завршила четврта година. Освен периодот на оценките, кога е хаос, вели Станоаевска, заедницата генерално функционира добро.

„Се развива свест кај учениците. Дури и они ме прашуваат ‘ќе имаме ли пак средба, кога нареден состанок?’. Тоа е добро. Меѓутоа, за да се постигне она што ние го сакаме, за да има општествена способност организацијата – треба време. Не може веднаш да се развие.  Ние имаме настани од типот – ден на медицина, ден на фармација, меѓутоа, тоа се настани меѓу нас, децата од средношколската заедница. Кај мене, не мора да е само претседател на клас за да учествува во заедница. Кој сака, бидејќи има средношколци кои ја носат титулата, но не и одговорноста“, рече таа.

Од септември најавува новитети. Идејата е да вршат обуки за заштита при работа.Исто така, да почнат активности поврзани со нутриционизам со училиште во Гостивар.

„Ако се прифати од учениците, може да се прошири и низ други училишта. Тоа е добро, да не биде заедницата само ‘имаме проблем со одреден професор’, туку активностите да се прошират, да одиме на повисоко ниво, да градиме општествена способност“, смета Станоевска.

На настанот се разви плодна дискусија, а дел од присутните даваа предлози за евентуален начин на финансирање на заедниците за активностите можеби преку различни драмски секции, донации, или пак да се одвојува од училишниот буџет. Некои сметаа дека мотивираноста не треба да зависи од финансирањето, туку и самите наставници да станат посвесни за важноста на активните средношколци.

„Како да ги мотивираме наставниците да веруваат во нас, а да не не’ саботираат?“, праша ученичка од гимназијата „Корчагин“.

Подигнат беше предлог и за евентуални обуки за настаниците, за потребата од средношколските заедници. Сепак, дел потенцираа дека анимирањето на настаниците е повеќеслоен предизвик, особено што и тие се развивани низ поинаков систем на вредности.

„Мора да се дигне статусот на наставникот на друго ниво. Имаме политика во образованието, а не политика на образование. Сфатете дека голем број наставници се оформувани во систем базиран на страв и предрасуди. Мораме да работиме и на наставниците“, рече професорка од „Јосип Броз Тито“.

Претставник од Коалиција СЕГА, пак, предложи организирањето на учениците да пушти никулци во основното образование, пa во средно да се развие до повисок степен. Се’ со цел образовниот систем да продуцира свесни, одговорни и активни граѓани.

Панел-дискусијата беше организирана од Младински образовен форум во партнерство со Коалиција на младински организации СЕГА и Првата детска амбасада во светот Меѓаши во рамки на проектот „Имплементација на конвенцијата на правата на детето“, поддржан од Фондација Песталоци.

 

Бојан Шашевски