Самата помисла дека никој не е вечен предизвикува чудни реакции кај музичарите. Пример за тоа беше албумот на Џони Кеш, „American Recordings“. Но Дејвид Боуви и во неговата 7-ма декада се издвојува од сите стари музичари. По цели 10 години се враќа на музичката сцена и тоа го прави маестрално со феноменален албум.
„The Next Day’ е албум кој е едноставно исполнет со смрт, но тоа не мора да ја означува неговата смрт. Со песни за тирани, училишни масакри и снајперисти се обидува да ни пренесе дел од реалноста и воедно дел од неговата автобиографија. Срцевиот удар во 2004 година го натера малку да се замисли и да забави малку. Идеално за сето тоа би бил синглот „Where are we now?“ и неговиот видео запис кој ни дава ретроспектива на Берлин, градот во кој живее веќе 40 години, и тоа некој може да го нарече крајот на прекрасна музичка кариера. Ние не го добивме тоа, туку „The Next Day“.
Албум кој можеме да го наречеме, гневен, импулсивен и комплексен. Исполнет со саксофон и неговите стари гитарски рифови и на моменти меланхоличното пеење на Дејвид. Вплотените звуци од сите ери го прават албумов феноменален. Од песна како „Boss of Me“ каде пее за грдиот американизам и сите негови производи до „Valentine’s Day“ каде во стилот на Space Oddity и Ashes to ashes, повторно ни прикажува еден од неговите многу комплексни персони (Major Tom, Ziggy Stardust, Tin man итн.). Со „If You Can See Me now“ и нејзините, „drum n’ bass“ звуци чувствуваме еден вид мамурлак од 90-тите и за крај ќе ја издвојам „You Feel So Lonely You Could Die“, како пример дека Дејвид може да пее: „I can see you as a corpse, hangin from a beam“ и никој ништо да не му рече”. :)
И стандардно на овој албум (можеби и малку пристрасно) му давам оценка 10/10, зашто го сметам едноставно за феноменален и толку звучи како него, но сепак спакувано во модерно пакетче од 2013 година.
Николај Митрески