Новинарите се соочуваат со притисоци и по промената на власта

Владата се пофали дека медиумските работници се ослободени од политички притисоци. Но поведението на дел од функционерите во власта и искуствата на новинарите во секојдневната работа се доказ дека ова сè уште не е точно. Закани, притисоци, навреди, влијанија – сите овие методи се уште се дел од секојдневието во медиумската сфера, говорат повеќе новинари за Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА).

Преписки, уцени, закани и навреди се дел од методите кои генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски ги употребил во комуникацијата со тимот на новинари на емисијата „Проверено“, кога тие работеле на тема за непотизмот и вработувања на негови блиски, велат оттаму за ПИНА. Сашка Цветковска од Истражувачката репортерска лабораторија и емисијата „Проверено“ вели дека додека работеле на една од емисиите Рашковски „фрлал со дрвја и камења“ во мејлови, телефонски разговори и пораки врз една од новинарките во тимот бидејќи нему не му се допаѓало тоа што тие ќе пишуваат за непотизам во владата во случаите кога тој вработувал свои блиски членови на семејството.

„Тој, не само што не мисли дека направил нешто погрешно, туку се смета и за жртва. Но, оваа жртва не е обичен смртник, туку висок функционер во владата. И во преписките со нашата колешка ги употреби сите средства – уцени, закани, навреди. За разлика од него, пак, „Проверено“ правеше цела емисија за бизнисите во полето со одгледување марихуана на семејството на премериот Зоран Заев и немавме никакви проблеми, а Заев ни даде дури и интервју без никакви проблем, а немаше ниту договарање прашања. Се случува Заев да се извинува и за другите фунционери, а тие сами за себе никако. Тоа не смее да биде така, овде одговорноста не е колективна, туку индивидуална и мора да се форсира принципот на отчетност и одговорност. Функционери со такво поведение треба веднаш да си дадат оставка“, вели Цветковска.

За притисоците ПИНА го контактираше и генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски и го прашавме дали се точни наводите дека се заканувал, како и дали жали за таквото поведение. Прашавме дали смета дека е соодветно за функционерите да им се закануваат на новинари, или пак да имаат обиди за влијанија и притисоци, какви последици остава тоа во целокупната атмосфера на слободата на медиумите и демократијата во земјата, но и дали доколку некој функционер се заканува на новинари треба да си поднесе оставка за ваквото поведение. Прашавме и дали тој има некаква одговорност за гореспоменатата ситуација и дали би си поднел оставка. Добивме краток одговор на смс, кој гласи: „ Одговорот на сите прашања е НЕ“.

Претставници од Владата неодамна се пофалија дека една од најпрепознаените промени во земјата всушност е ослободувањето на новинарите од политичките притисоци. Пристапот на новата Влада е многу потранспарентен од претходната власт, откако тие објавија бројни документи за јавноста, како на пример декласификацијата на договорите со странските инвеститори а овозможија и алатки за проверка на трошењата на јавните функционери. Како што ветија, го укинаа владиното рекламирање, кое беше посочувано како еден од главните извори на корупција во медиумската сфера што го користеше претходната власт за добивање на поддршка на своите политики од страна на тогашните провладини медиуми.

Се одржуваат редовни брифинзи со новинарите, на прес конференциите за разлика од претходните негативни искуства, сега може секој да постави прашање на било која тема, а не само за она што е дневна владина агенда. Се донесе одлука новинарите да имаат бесплатен пристап до услугите во Централен регистар и Катастарот за недвижности, иако за оваа мерка новинарите се уште имаат забелешки дека треба да се допрезицира и олесни пристапот кон услугите. Сè на сè, видливи се обидите од новата власт за релаксација на атмосферата за работа во медиумите, но преземеното е далеку од доволно.

„Ако поставиш прашање, нема интервју“

Случаите, како овој со Рашковски, како и други инциденти на кои се пожалија медиумските работници во изминатиот период, покажуваат дека и по промената на власта, новинарите се соочуваат со притисоци од функционерите. Неколку месеци претходно, новинарот Фуркан Салиу од „ТВ 21“ исто така обвини дека се соочил со притисоци од вработен во Министерството за надворешни работи и тоа на сред прес конференција, пред полна сала новинари и камермани.

Фуркан

„Ако поставиш прашање, никогаш нема да добиеш интервју“, беа зборовите за кои Салиу вели дека му ги упатил вработен во МНР, за време на пресот на министерот за надворешни работи, Никола Димитров и медијаторот Метју Нимиц. Салиу вели дека овој инцидент бил груб обид за замолчување на новинарите.

„Сега луѓе од Владата можеби не ти се јавуваат за да ти нарачаат прилог но, од друга страна, сите тие гласни чувари на јавното добро се вработени во Владата. Тие што реално имаат информации и влијание во општеството, а не се вработени во Владата се луѓе блиску до минатата владејачка гарнитура, па така ретко кој им верува. Актуелната власт е далеку потранспарентна, но се завршува тука. Еве, мене лично ми се заканија дека нема да добијам интервју ако поставам прашање, сето тоа е снимено, Министерството се извинува во име на вработениот, ама тој сè уште е вработен таму“, вели Салиу.

Според него, иако амбиентот за работа на новинарите генерално е подобар отколку со претходната власт, воопшто не верува дека новинарите се целосно ослободени од политички притисоци.

„Тоа во МНР беше првиот погруб обид да се замолчи новинар и се надевам ќе биде последен. Сепак ми се има случено и министер (сега веќе екс министер) да ми се јави и да ми забележи на прашање, да ме праша кој ме плаќа да поставувам такви прашања“, вели Салиу.

И Цветковска оценува дека неизбежен е впечатокот дека има подобрување во однос на комуникацијата со медиумите, но сепак далеку сме од суштински поместувања.

„Корупцијата во медиумите останува проблем, пропагандата останува не само инсталирана туку и добро прифатена алатка на оваа администрација. Неизбежен е впечатокот дека речиси и никој не се бави со суштинските проблеми во и онака девастираните медиуми, но затоа имаме инвазија од неразумно трошење ресурси во пропаганда од страна на владиниотт пи-ар. Најпосле, неизбежен е впечатокот дека „пи-ар“-от е попосветен да работи на креирање на перцепција дека нешто се прави отколку на реалната работа нешто да се промени. Сите оние камермани, фотографи, она агресивно сеприсуство на социјалните мрежи од страна на владините функционери не е добра работа.

Со обемната продукција на видео и фото материјали, и цели новинаррски текстови (како оној за матурата на премиерот) владата учествува дополнително во разнебитување на редакциите и свесно ја злоупотреба кревкоста на медиумите кои кубурат и со кадар и со ресурси и со стандарди за да наметне своја популистичка агенда, но и поради нив медиумите не се заинтересирани да вработуваат фоторепортери и сниматели бидејќи, нели, Владата тоа го прави“, вели Цветковска.

Функционерите се уште пречувствителни на критики

Премиерот Зоран Заев по промената на власта неколку пати порача јавно дека медиумите и новинарите треба да ја критикуваат работата на власта и будно да ги следат чекорите на функционерите. Меѓутоа одредени функционери како да не се согласуваат со оваа негова порака и со нивните реакции потсетуваат на реакциите на претходната власт, особено кога реагираат силно на критиките упатени до нив.

Тамара Чаусидис, претседателка на новинарскиот синдикат, за ПИНА вели дека во јавниот дискурс се забележуваат промени во однос на слободата на говор и постои своевидна релаксација во однос на темите особено ако се спореди со периодот на претходната гарнитура.

Тамара

„Институциите се трудат да бидат потранспарентни тоа е факт, помал е бројот на табу – теми, пропагандата е доброволна, а не наметната. Во однос на атмосферата во редакциите – нема многу големи промени. Луѓето и натаму се држат во економско – социјален грч со договори на определено време, закана од отпуштања, намалувања плати и слично. Единствено што сега не можеме за тоа директно да ја обвиниме власта, односно немаме докази за тоа“, вели Чаусидис.

За тоа дали во Синдикатот досега се пожалиле новинари на притисоци, влијанија или закани во работата по промената на власта, таа вели дека кога се говори за притисоци од власта многу важен дел од равенката е – интегритетот на медиумот и неговото раководство.

„Проблемот е што во првите ешалони на медиумите неретко се наоѓаат луѓе научени на подаништво, па често и доброволно, без некој тоа да им го бара претпоставуваат што власта (не)би сакала да чуе или прочита. Според нашите сознанија, таму каде раководството е со интегритет заканите и јавувањата останале само на тоа медиумите немале реперкусии. Кога станува збор за функционери, би ги издвоила имињата на вицепремиерот Кочо Анѓушев и генералниот секретар Драги Рашковски . Станува збор за притисоци од типот на јавувања, непримерени пораки и коментари кон новинари за поставени прашања, критички текстови, па дури и безазлени наслови кои некому му се чинат проблематични. Генерално имам впечаток дека власта е хиперсезибилна на критики. Многу се чувствителни, но тоа и не мора да биде така лошо додека резултира со подобрување на практиките. Она што јас би го издвоила се случаите на притисоци од бизнис моќници или луѓе кои се доживуваат како такви. Тоа е случајот со колешката Лупевска од „Телма“ и колегата Петрески од „Алсат М“. Овие два случаи кои станаа јавни го илустрираат односот кон новинарите и новинарските екипи кој мора под итно да се менува“, вели Чаусидис.

Разговаравме со уште неколку новинари кои работат во познати медиуми и телевизии, кои ни ги кажаа своите ставови за слободата на медиумите, но побараа да останат анонимни, што исто така е одреден показател за атмосферата во медиумите. Сите потенцираа дека медиумите и новинарите се уште не се ослободени од политички притисоци и влијанија. Еден од нив ги посочи и влијанијата врз уредниците од страна на власта кои можеби се во позавиен облик, но се забележуваат преку следење на етерот.

„Кога во рок од еден месец имате функционер кој и по неколку пати се појавува во ист медиум на емисии, за теми кои не секогаш се најактуелни, тоа говори за некаква поврзаност помеѓу уредникот и тоа лице,од една страна додека од друга страна пак имате медиуми кои никако не можат да дојдат до тој функционер и покрај бројните отворени покани кои ги добил“, вели новинар од една телевизија.

Новинарка во друг медиум, која до неодамна работела во позната телевизија исто така ги посочува врските на уредниците и други влијателни луѓе во медиумите со разни вработени во власта како проблематични.

„Во таа телевизија по промената на власта, дел од уредниците се обидуваат да ја искриват вистината и да ги креираат новинарските текстови, но тоа не сметам дека е последица на дејствувањето на власта, туку на личните интереси“, вели таа.

Според неа, во првите неколку месеци од доаѓање на власта, имало случаи кога неколкумина од поранешните новинари (сега вработени во пи-ер службата на Владата) се јавувале кај новинарите и со изговор дека „се колеги“ барале да не се објавува одредена информација. Таа вели дека откако увиделе дека тоа не поминува, престанале со таквите барања. Медиумите сè уште ги мачат проблемите со лошите услови за работа за новинарите и медиумските работници, ниските плати и слаби договори за работа, кои исто така влијаат на работата на независноста на новинарите и нивната слобода.

Влада: Никој нема право да им се заканува на медиумските работници

За коментар за притисоците од одредени функционери како и за тоа дали функционерите кои се закануваат на новинари или им вршат притисоци треба да имаат одговорност за своите постапки и да си дадат оставки, од Владата велат дека тие ги осудиле сите напади и сметаат дека никој нема право да им се заканува на медиумските работници и да ги попречува во извршување на нивната работа. Тие велат дека ги охрабруваат сите новинари кои се соочуваат со било каква форма на притисок истиот да го пријават до надлежните институции кои имаат обврска да делуваат.

„Владата смета дека никој нема право да се заканува и да врши притисок врз друг граѓанин на Македонија без разлика на професијата и работните обврски, како и без разлика на позицијата од која доаѓа некој. Одговорноста за начинот на однесување покрај законските регулативи е и од етички аспект имајќи ја предвид севкупната јавност како коректор на однесувањето на одредени поединци. Укажуваме дека одговорност секогаш ќе има во случаи на несоодветно насилничко однесување од било кој јавен функционер“, велат од Владата за ПИНА.

Реформите во медиумите се уште не се исполнети

Итните реформски приоритети во делот на медиумите посочени во извештајот на Рајнхарт Прибе од јуни 2015 година, се само делумно исполнети. Како главни приоритети тогаш беа посочени реформите во јавниот радиодифузен сервис, решавањето на владиното рекламирање, пречките во пристапот до информации, како и клеветата и навредата.

Последниот извештај на „Опсерваторијата на медиумските реформи“  констатираше дека и покрај заложбите на Владата да гради партнерство со асоцијациите и со граѓанскиот сектор во сферата на медиумите, таа сфера се уште не е ослободена од институционални или персонални влијанија поради бавноста со која Собранието ги носи потребните законски измени. Во врска со реформите на јавниот сервис беше донесена оценката „Започнато, но неисполнето“, за владиното рекламирање кое Владата го укина оценката е „Делумно исполнето“, поради тоа што не обезбеди детални објаснувања за низа специфики за обезбедување целосна транспарентност и отчетност, преку објава на правилници, процедури или протоколи. Истата оценка „Делумно исполнето“ е и за третиот столб од реформите во медиумската сфера – пристап до информации, поради непроменета состојба врзана за измени и дополнувања на Законот за пристап до информации од јавен карактер. Најлоша е оценката за клеветата и навредата како „Целосно неисполнето“, бидејќи извештајот констатира дека во оваа област нема никакви промени и поместувања во периодот на следење и известување: не преземена иницијатива за ревидирање на Законот за граѓанската одговорност за клевета и навреда и Владата не започнала координација со стручната јавност во оваа насока.

Во обновениот извештај на Прибе од 2017 година, повторно се даваат препораки за да се адресираат системските проблеми во медиумите. Нагласено е дека Владата треба да се погрижи медиумските реформи да бидат дел од целокупната стратегија, да бидат добро планирани, базирани на истражување како и кредибилни, навремени и транспарентни консултации со сите заинтересирани страни, јавни и приватни, без дискриминација и нивните придонеси да бидат земени сериозно во предвид.

„Истрагите за напади врз било кој новинар треба да бидат приоритет и да бидат направени брзо. За да се подобри улогата на медиумите во барањето одговорност од државата, истражувачкото новинарство треба да биде охрабрено и да се овозможено од јавните институции и медиумите. За да се подобри перформансот на МРТ потребни се: адекватни ресурси за зајакнување на нејзината независност, ефективни операции и менаџмент. Легислативните амандмани и политики треба да осигураат дека МРТ е целосно транспарентна и одговорна, дека се ангажира со сите релевантни засегнати страни активно и осигурува дека сите граѓани и покрај политичката опција, полот, возраста, инвалидитет, итн… веруваат дека МРТ е нивен јавен сервис а не инструмент на политичките партии или други“, се вели во извештајот.

Пишува: Кристина Озимец – ПИНА

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.