Скопскиот бенд Foolish Green, најавувајќи го својот деби албум, во декември 2012 го претставија новогодишниот сингл „Лајка“ (достапен за бесплатно превземање тука), а неодамна на „јутјуб“ каналот го објавија и своето прво live видео за песната „Sun is gone“. Нивниот албум „Escape“ официјално ќе биде објавен до крајот на овој месец, а бендот ги открива деталите и за неговото концертно претставување пред публиката, закажано за 15ти март 2013. Овој промотивен концерт на „Foolish Green“ ќе се одржи во арт киното „Фросина“ (МКЦ, Скопје).
Како предгрупа на нивниот концерт ќе настапи „Џун“ (June), бендот кој изминатата година го промовираше својот деби албум „Someday Soon“и веќе остава значајна трага на македонската музичка сцена, претставувајќи ја емотивната страна на префинетиот инди поп. Но ова ќе биде концертна вечер која нема да заврши со Foolish Green, туку по нивниот настап групата најавува и „afterparty“ со докажаните хип хоп артисти на домашната сцена, диџеј Гоце (Саф) и ЛД Пистолеро.
Почетокот на концертот е закажан за 21:30 часот, а влезниците се достапни во продажната мрежа на МКтикетс. Нивната цена во претпродажба ќе биде 200 денари, додека на денот на концертот ќе чинат 250 денари.
„ESCAPE“ ќе биде првиот лонг-плеј албум на „Фулиш Грин“, но и едно од ретките изданија од ваков тип на музички правци на нашите простори, на кој ќе бидат претставени вкупно 12 композиции. Деби албумот, кој ќе биде објавен за издавачката куќа „Пасворд Продакшн“, е снимен во домашно студио, со мастеринг наДарко Спасовски – Пацки, додека зад музиката се потпишува Ненад Стефановски – Брус. Концептот за обвивката на албумот и дизајнот се на Мики Стефановски.