Третата проекција на истражувачки стории од проектот „Ск ретровизор“, кој го спроведува организацијата „Плоштад Слобода“ ќе се одржи во четврток (14 март) со почеток во 19 часот во Чаршиската книжарница (Libraria e Çarshisë) во Скопје.
Станува збор за серија стории, дела на новинари-истражувачи, во кои се третира проектот „Скопје 2014“ во сите негови аспекти. Во четврток ќе бидат прикажани филмовите на Мери Јордановска, Деспина Трајковска, Харалд Шенкер, Жарко Настоски и Бојан Стојановски.
Мери Јордановска во својата сторија “Авторството на Скопје2014” ги истражува политичките и уметничките автори на проектот дискутирајќи го нивниот ангажман и претходно искуство.
Харалд Шенкер во “Сликата на неквалитетен дискурс” ги истражува грешките во изведбите на скулптурите и другите објекти од Скопје 2014, соодветноста на процедурите и можните начини како тие настанале.
Жарко Настоски во својата сторија ја истражува економската логика зад зградите од Скопје 2014, како и трошоците за одржување на проектот.
Деспина Трајковска навлегува во процедурите и финансиите на Воинот на Коњ и Порта Македонија во својата истражувачка сторија “Капиталните споменици во Скопје 2014”
Бојан Стојановски се фокусира на загубените зелени површини во центарот на Скопје, градскиот парк и парк-шумата Водно и дава историска перспектива на најголемите уништувања на зеленилото во Скопје изминатите години.
По проекцијата ќе се одржи разговор со присутните во врска со темите на истражувачките стории.
Во рамките на проектот „Ск ретровизор“, изработени се вкупно десет истражувачки стории, а досега беа прикажани сториите на Љубиша Арсиќ, Александар Димитриевски, Владо Апостолов, Предраг Петровиќ и Зорана Гаџовска Спасовска.
Чаршиска Книжарница (Libraria e Çarshisë) се наоѓа на самиот влез на Стара Чаршија, од страната на споменикот на Скендербег, на улицата што води кон Битпазар (Битпазарска 58). За поточни насоки, погледнете ја мапата на страната на Чаршиска Книжарница.