Од 9 до 21 јули во Крушево ќе се одржи 20-то Европско првенство во змејарство класа 1 и 8-то Светско првенство во змејарство класа 5 во дисциплината крос кантри .
Стартните локации ќе бидат во Крушево на Мечкин Камен, а во регионот на Прилеп, село Кривогаштани и регионот на Битола се предвидени местата за слетување и крај (цел) на тркитe.
Практично во периодот од 9-ти јули до 21-ти јули 2018 година, Пелагонискиот Регион, а посебно Крушево ќе биде арена во која што ќе се натпреварува светската елита од 150 пилоти, а Република Македонија по втор пат ќе биде во фокусот на светската воздухопловна спортска јавност и домаќин на околу 300 учесници, пилоти и официјални гости кои што ќе престојуваат две недели во Крушево за време на натпреварите.
Овие две големи првенства претставуваат одлична можност за промоција на нашата земја не само како туристичка, туку и како дестинација со одлични услови за слободно летање, особено за организирање на натпревари од висок ранг.