Подмладоците на повеќе политички партии во земјава, деновиве одговараат на прашањата на Радио МОФ за проблемите на младите, нивните приоритети и цели кои се поврзани со младите. Серијата интервјуа кои се составени од исти прашања испратени до сите партиски подмладоци, ги пренесуваме интегрално, овој пат со Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО – Народна партија.
Кои се главните цели на подмладокот на вашата партија и кои се вашите приоритети?
Целите и задачите на партијата дефинирани во Статутот, се цели и задачи на УМС на ВМРО-НП која покрај остварување на истите, посебно се залага за: издигнување и афирмација на македонскиот национален индентитет и култура, толеранција, интеграција и соживот на сите заедници во Македонија, промовирање на моралните вредности кај младите луѓе и почитување на основните права и слободи на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и Уставот. Освен тоа, се залагаме за афирмација и зајакнување на правната држава и парламентарна демократија, развивање на политичка култура кај младата популација, поддршка на позитивните барања и иницијативи на средношколските, студентските и други младински организации, формирање еколошка свест кај младиот човек, промовирање на спортот и спортските активности кај младата популација и зачувување на македонските културни и етнолошки вредности.
Кои се најважните проблеми за младите во земјава?
Многу пати досега сме разговарале за проблемите на младите луѓе во нашата држава но ретко кој се нафаќа да ги реши барем тие – приоритетните прашања кај младите без кои не може да функционира едно младинско општество во една држава па најчесто истите проблеми се провлекуваат со години. Читајќи ги коментарите на моите колеги од другите политички партии, во една работа се сложувам со нив тоа е невработеноста на младите, но во Македонија постои уште еден проблем а тоа се партиските (селективни) вработувања. По него следи студентскиот стандард. Во последно време сме сведоци за тоа како живеат и функционираат македонските студенти, идните интелектуалци. И како трет но не и последен проблем кој сериозно ги засега младите е Законот по кој треба да се водат сите млади луѓе – Законот за млади. И би сакал во оваа прилика да ги повикам сите политички подмладоци во Македонија сериозно да пристапат кон решавање на овие горливи проблеми. Ние како УМС на ВМРО-НП сме подготвени заедно со останатите политички подмладоци и со контруктивни дијалози да допринесеме за што побрзо решавање на проблемите на младите во државата.
Како им овозможувате на вашите членови да учествуваат во работата и управувањето на подмладокот?
Членовите на УМС на ВМРО-НП се организирани на територијален принцип и тоа: Општински комитети на УМС на ВМРО-НП кои ги има на целата територија на Македонија. Потоа, Централен Комитет кој воедно е и највисокиот орган на УМС на ВМРО-НП и на кој се бираат Претседател и Извршен Комитет на УМС на ВМРО-НП, а го сочинуваат Претседателот, Потпретседателот и Секретарот на УМС на ВМРО-НП, претседателите на Општинските комитети на УМС на ВМРО-НП и други членови определени во согласност со Деловникот за работа. Со ваквиот концепт на организираност им се дава шанса и простор на сите младинци – членови да допринесат за усовршување и поуспешна работа на УМС на ВМРО-НП.
Кои се најголемите постигнувања на подмладокот на вашата партија за 2012-тата година?
УМС на ВМРО-НП во изминатата 2012 година целосно се реорганизира и со нови сили тргна во борба за остварување на програмските цели и задачи. Учествувавме на неколку меѓународни семинари за организирање и водење политички кампањи, медумски кампањи со што во овој изборен циклус влегуваме подготвени и со полна пареа. Во моментов ги разгледуваме иницијативите од 2012 година поднесени од страна на неколку странски политички подмладоци за соработка и заедничко делување на меѓународен план. Во тој домен спаѓа и иницијативата за членување во организацијата на Европски Народни партии (EPP – European People`s party) која треба да биде прифатена оваа година. Ова се само мал дел од минатогодишните достигнувања на УМС на ВМРО-НП, и не запираме тука, продолжуваме со поголема сила, амбиција, решителност и истрајност во борбата за поголеми права на младите луѓе во Македонија.
К.О.