„Москва се труди да протурка слика за себе како благонаклонет партнер и заштитник на сувереноста и на православното христијанство антитеза на Западот што ,,цело време се меша таму кај што не му е местото“. Настојувањата на Русија да предизвика конфузија и разочараност од Западот со поттикнување на ултранационалистички и нативистички чувства веројатно ќе се зголемат како што ќе се приближуваме до референдумот за името“.
На самитот во Брисел, НАТО официјално ја покани Македонија да стане 30-тата членка на Алијансата. Но, поканата зависи од промена на името. На 17 јуни дознавме дека за македонската влада, придружувањето кон Западот го оправдува додавањето на префиксот Северна на името Македонија. Меѓутоа, преименувањето на државата ќе зависи и од нас, македонските граѓани, бидејќи е условено со референдум. Дали уставното име ни е поважно од бенефитите од членството во НАТО и ЕУ? Невозможно е со сигурност да се каже каков ќе биде исходот од референдумот. Но, ако нешто е јасно, тоа е дека задржувањето на префиксот „Северна“ зависи од нашата способност како граѓани да се заштитиме од Русија и од нејзините тактики на дезинформирање.
По ратификацијата на Договорот од Преспа од страна на македонскиот парламент, Грција ветиповеќе да не го употребува своето право на вето во ЕУ и НАТО. Тоа значи дека вклучувањето на Македонија во Западниот сојуз е повторно на хоризонтот.
„Очите на Москва вперени кон нас“
Сепак, овој развој на настаните е во спротивност со тоа како Москва го замислува Балканот. Кремљ јасно укажа дека сака да ги задржи Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Македонија „како појас од воено неутрални земји“. Откако укажа на тоа, минатата година Црна Гора стана 29-та членка на НАТО, па така, очите на Москва сега се свртени кон нас, како најсериозен кандидат да станеме 30-тата држава што ќе му се придружи на воениот сојуз.
Последните неколку години, Русија во Македонија формираше преку 30 руско-македонски културни здруженија и го зголеми својот персонал во амбасадата за 25 проценти. Дополнително, Русија финансира локални медиуми, се обидува да влијае на владини министри, и им се додворува нарусофилски партии и застапници на Кремљ.
Проруските тези често навлегуваат во македонскиот информативен простор преку извори како руските новински агенции Спутник и ТАС, чии содржини редовно се преобјавуваат во дел од македонските медиуми. Ова веројатно ќе се зголеми дополнително сега откако унгарски медиумски компании поддржани од Виктор Орбан презедоа неколку десничарски веб-портали и ТВ-станици во Македонија. Овие преземања изгледаат како обид на Орбан да го зацврсти своето братство на десничарски популисти со тоа што ќе им помогне да практикуваат „тип на комуникација која го следи стилот на руската пропаганда“.
Овој стил се потпира на веќе испробаната тактика на Москва за користење „регионални стереотипи, етнички тензии и неразрешени спорови“. Доволно е да се присетиме на неодамнешната политичка криза во Македонија кога, на пример, Руското министерство за надворешни работи тврдеше дека ЕУ и НАТО поддржуваат „Голема Албанија“ во регионот. Западот, инсистираше Москва, „грубо се меша“ во внатрешните работи на Македонија, присилувајќи ги македонските политички лидери да прифатат договор создаден од политичарите во Албанија. ВМРО-ДПМНЕ ја повторуваше оваа реторика, со тоа охрабрувајќи ги своите поддржувачи да влезат во парламентот и да ги испратат противничките пратеници на интензивна нега. За Русија, овие членови на парламентот беа пиони на Западот, кој всушност ја преиначуваше „волјата на граѓаните“ за да се отстрани од власт легитимната влада (водена од ВМРО-ДПМНЕ)”.
Главно, Москва се труди да протурка слика за себе како благонаклонет партнер и заштитник на сувереноста и на православното христијанство—антитеза на Западот кој ,,цело време се меша таму кај што не му е местото“. Настојувањата на Русија да предизвика конфузија и разочараност од Западот со поттикнување на ултранационалистички и нативистички чувства веројатно ќе се зголемат како што ќе се приближуваме до референдумот за името.
„Лажни вести и националистички оган“
За да се спречи обидот на Црна Гора да му се придружи на НАТО, постојат докази дека руските агенти отишле дотаму да оркестрираат државен удар. Прашањето е до каде ќе оди Русија за да го спречи приемот на Македонија во НАТО, особено сега кога тоа зависи исклучиво од референдумот? Дали, на пример, ќе ја користи како што се чини дека направи со Брегзит и со претседателските избори во САД својата софистицирана машинерија на ботови и тролови за ширење дезинформации? Ќе оди ли и подалеку како што направи во Украина преку NotPetya нападот со рансомвер (вид на сајбер напад) и ќе се обиде ли да ги ослаби системите на критичната инфраструктура на Македонија?
Би можела. Според скорешни студии, македонските граѓани се неверојатно подложни на лажни вести. Дополнително, сајбер-просторот на Македонија е слаб и ранлив на сајбер напади. Досега, сепак, не постојат цврсти докази што би укажале на злонамерни сајбер-активности на Москва во Македонија. Политичкото мешање на Русија, како што е опишано погоре, силно се потпира на постандардни методи засилување на огнот на етно-национализмот на Балканот преку финансирање медиуми и поддржување русофили.
Грчките власти веќе протераа двајца руски дипломати поради наводни активности како подмитување државни функционери со цел поткопување на договорот со името. Во Македонија, еден од де-факто лидерите на протестите против промената на името е лидерот на Единствена Македонија, русофилска партија која се залага за преориентација на Македонија кон Евроазиската економска унија. Во текот на протестите во неделата по потпишувањето на договорот, видовме како овој лидер се искачи на полициско возило, веејќи го старото македонско знаме и знамето на Претседателот на Русија.
Само неколку часа порано, македонската и грчката влада го потпишаа договорот опкружени со знамињата на Македонија и на ЕУ. Времето ќе покаже чии знамиња триумфално ќе се веат на денот на референдумот.
* Мартин Наунов е истражувач во Прашкиот институт за безбедносни студии. Претходно има работено во правниот тим на медиумската компанија Херст во Њу Јорк и како истражувачки асистент во универзитетот Џонс Хопкинс и колеџот Мидлбери во САД.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.