Додека институциите си ги префрлаат надлежностите, бремените Ромки без лична идентификација не можат да ги добијат бесплатните прегледи кои им следуваат. Владата предвидела мерки, но не и механизми за нивна имплементација. Во меѓувреме многу бремени жени на клиниките низ Македонија се одбивани, препраќани на други места или забележувани под шифра – „мигранти“.
Седната во дворот од својот дом во Шуто Оризари, Бадема ни ја покажува ехо-снимката од нероденото бебе со кое е во осмиот месец од бременоста. На фотографијата е прикачена фискална сметка од 600 денари од прегледот кој морала да го направи приватно и покрај лошата финансиска состојба во која се наоѓа.
Има 27 години, но нема никаков документ за идентификација бидејќи никогаш не била запишана во матичната книга на родените. Без документи не може да добие матичен лекар, ниту било каква друга здравствена и социјална заштита гарантирана од државата.
„Не се ни обидов да одам државно, бидејќи знам како е. Веќе имам пет деца, не ми е прв пат. Зошто да одам кога нема да ме примат? Нема шанси. Само што ќе влезеш ти бараат документи. Кажуваат дека е бесплатно, сѐ додека не отидеш во болница. Ако одам сама, не ме примаат, ќе ме вратат“, објаснува таа.
Бадема револтирано зборува за лошиот однос кој го добивала во јавните здравствени институции при претходните бремености. Еднаш веќе платила 500 евра за породување, а едно од децата го родила дома, бидејќи не можела повторно да плаќа. И сега стравува од можни проблеми кога за еден месец ќе треба да се појави на шалтерот на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство во Скопје (ГАК) за породување.
Неколку улици подалеку живее 28-годишната Нерџивана со нејзиниот осуммесечен син Алмир. И двајцата немаат изводи од матичната книга на родени. Единствениот пишан доказ за раѓањето на малиот Алмир е отпусниот лист од ГАК на кој може да се забележат неколку пречкртани датуми.
Нерџивана вели дека при обидите да ги направи рутинските прегледи два пати била одбиена од Клиниката. Еднаш во петтиот и уште еднаш во седмиот месец од бременоста. Одговорот кој го добивала е дека мора да покаже некаква потврда за бременоста. Бидејќи нема документи, нема ниту матичен лекар. Конечно била примена пред самото породување, а кога се пожалила на породилните болки, објаснува дека добила и шамар од медицинска сестра.
Проблемите продолжиле и по породувањето. Не можела да ја напушти болницата бидејќи и барале или да покаже некаков документ, или да ги плати целосните трошоци. Дури по ургенции од локалните активистки од Шуто Оризари таа била отпуштена од Клиниката.
„Тешко ми беше во тие моменти. Немав никаква помош од институциите. Ми бараа документи кои ги немав. Не знаев што да правам. Не знаев зошто не ме примаат. Дали беше тоа поради тоа што сум Ромка? Сега се плашам да забременам. Не сакам второ дете поради тоа големо малтретирање во болница. И тоа не е само случај со мене, туку со сите. Седам и плачам. А да дадеш пари ќе те примат во болница. Но, јас немам ни пари ни документи“, објаснува Нерџивана, која вели дека прегледите на синот по породувањето ги прави кај лекари од Црвениот крст, или доктори кои тоа го прават на добра волја, додека терапијата си ја плаќа најчесто сама.
Програма без имплементација
Последниве три години на лицата без идентификација им се гарантираат бесплатни прегледи, лабораториски тестирања и породување преку владината Програма за активна здравствена заштита на мајките и децата. За разлика од 2016, кога за оваа намена биле предвидени 500 илјади денари и лани, кога биле издвоени 3,5 милиони денари, оваа година ставката е проширена, а сумата зголемена на скоро 5 милиони денари со потпис на премиерот Зоран Заев. Како извршители на програмата единствено се посочени јавните здравствени установи во државата.
„Овие жени без лични документи, според Програмата, би требало да бидат ослободени од плаќање за сите потребни прегледи во текот на бременоста, вклучувајќи го и породувањето. Но, искуството ни покажува дека во пракса не е така. Секоја жена која сме ја упатиле кон јавните здравствени установи, како имплементатори на Програмата, била одбиена. Потоа најчесто доаѓаат кај нас со барање за помош и доаѓаме до конфликтни ситуации со администрацијата на Клиниката“, објаснува Салија Беќир Халим, од Иницијативата на жени од Шуто Оризари, кои редовно го истражуваат пристапот до здравствените услуги за репродуктивно здравје на Ромките во Шуто Оризари.
Неофицијалните проценки се дека само во Шуто Оризари има околу 300 лица кои не се запишани во матичната книга на родените. Додека на државно ниво се оперира со бројка од две до три илјади лица.
Доминантно со овој проблем се соочуваат припадниците на ромската етничка заедница, најчесто поради финансиската состојба и неинформираноста. На сите нив им се ускратени правата кои се гарантираат на македонски државјани.
Организациите кои ги контактиравме сведочат за слични случаи и во другите поголеми македонски градови.
Од Ромскиот информативен центар во Тетово, кои работат во склоп на Министерството за труд и социјална политика (МТСП), не информираа за актуелен случај на 17 годишната С.Р. од Тетово која е во деветтиот месец од бременоста и нема документи за лична идентификација. Девојката нема направено никакви гинеколошки прегледи и не ја примаат во Клиничкиот центар во Тетово со образложение дека услугите ќе треба да ги плати приватно.
За случаи кога им се наплаќа на лица без здравствено осигурување не информираа и од Националниот ромски центар од Куманово, додека од битолското здружение Баирска Светлина велат дека имаат евидентирано Ромки со лични документи кои се жалат дека им се наплаќа за прегледите и кои не можат да добијат матичен гинеколог.
Шифра – „Мигранти“
Во последниот период на ГАК пациентките ги дочекувало известување од Министерството за здравство во кое на лицата без идентификација, согласно Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата, им се бара да донесат потврда од МТСП со која ќе го потврдат својот социјален статус. Беќир Халим вели дека во случајот со една бремена Ромка се обратиле до Центарот за социјална работа од нејзината општина и добиле одговор дека тие не можат да издадат таква потврда.
„Тоа ја одврати жената од неопходните испитувања во текот на бременоста. Во тек е повикот за запишување во матичните книги на родените на овие лица, но тие за целиов овој период немаат никаква потврда. Не знаат дали ќе им се дадат матични броеви. Дали ќе бидат запишани, тоа никој не им го гарантира. Што во овој период помеѓу“, вели Беќир Халим.
Од Иницијативата испратиле барања за информации од јавен карактер до Министерството за здравство и МТСП со прашања околу начинот на кој овие лица можат да ги добијат услугите од Програмата. И по два месеци одговор нема.
*(Дополнето на 25. јули) Два дена по објавата на сторијата, од МТСП го добивме писмениот одговор на барањето на Иницијативата на жени од Шуто Оризари. Целиот документ е прикажан подолу во текстот.
Според Беќир Халим, во сите случаи кои тие ги следеле, пациентките бесплатно го добивале само породувањето. Мајките, кои не направиле никакви претходни испитувања често се подложни на инфекции заедно со нивните бебиња што потврдува колку е важно да постои начин како да се следи бременоста на овие лица.
„Нив најчесто им бараат приватно да го платат дури и породувањето. Ние мораме да разговараме со медицинскиот персонал и социјалните работници во ГАК и да им укажеме дека треба да бидат ослободени од какво било плаќање. Очигледно е дека нема механизам. Сме биле сведоци на случаи кога пациентките се внесуваат во системот како мигранти, под таа шифра“, објаснува таа.
Во последното истражување од 2017 година кое го спроведува Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА, дури 80 проценти од здравствено неосигураните жени од Шуто Оризари не го искористиле правото на бесплатни прегледи во текот на бременоста.
Надлежните со контрадикторни ставови
Од Министерството за здравство велат дека со уредно водена евиденција на бремените жени од ранливите категории секоја здравствена установа овозможува непречен пристап кон услугите предвидени во Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата за 2018 година. Програмата, велат од Министерството, по објавувањето во Службениот весник, е испратена до сите извршители во здравствените установи со укажување на активностите во неа.
„До сите ЈЗУ се доставени известувања, со цел што е можно подобра имплементација и дисеминирање на информацијата до секој здравствен работник, кој е во комуникација со бремените жени, во однос на начинот како да евидентира и да фактурира за обезбедените здравствени услуги, вклучувајќи ги и шалтерските работници, кои се информирани дека за овие жени средства се обезбедени од Програмата на МЗ“, ни одговорија од Министерството за здравство.
Од Министерството посочуваат и дека во случај на преупатување на бремени жени кои немаат избрано матичен гинеколог, тоа се правело со цел да влезат во системот на примарното здравство за уредно водење антенатална грижа.
Но, во одговорите кои ги добивме од ГАК – Скопје може да се види дека ситуацијата на терен не е таква каква што ја опишува Министерството. Од Клиниката велат дека лицата кои не поседуваат документи за лична идентификација добиваат здравствена услуга само во случај на животозагрозувачка состојба, кога пациентите се хоспитализираат, додека начинот на регистрирање на овие лица потоа го регулираат социјалните работници кои утврдуваат за точно каква категорија граѓани станува збор.
„Сите останати кои не располагаат со документ за идентификација, а се регистрирани во матичната евиденција на РМ, треба да донесат документ за идентификација бидејќи редовните контроли на гинеколог или кој било друг доктор, се задолжителни од причина што е небулозно и спротивно на законот да издадете резултат со погрешни податоци на погрешно лице бидејќи не постои начин на утврдување на идентитетот. Доколку лицето поседува документ за лична идентификација, но во системот на осигурени лица го нема во евиденција, истото е должно да донесе потврда од МТСП, како што пак секој друг пациент кој е осигурен во државата мора задолжително да ја понесе својата здравствена книшка или картичка со која се потврдува неговото осигурување“, велат од ГАК, додавајќи дека овие мерки се според македонските закони, а не поради интерни одлуки на здравствените институции.
Од ГАК додаваат дека здравствениот систем функционира по патеката „матичен гинеколог па клиника“ и дека постои група пациентки кои тоа сакаат да го злоупотребат или заобиколат сакајќи да си ги скратат маките. Во таков случај, објаснуваат од ГАК, пациентките добиваат совет да бидат прегледани од матичниот гинеколог и доколку има потреба да ја упати на ГАК или на друг специјалист.
На прашањето како овие лица без лична идентификација можат да се пријават кај матичен гинеколог, од ГАК одговараат:
„Веројатно најадекватен одговор би можеле да добиете во Минстерството за внатрешни работи кои ќе ви појаснат како едно лице без документи за лична идентификација може да функционира во државата и институциите во неа“.
Во врска со известувањето за потврдата од МТСП која им се бара на пациентките, од ГАК објаснуваат дека во неа треба да биде наведено дека МТСП ќе ги покрие трошоците за таа пациентка.
Појаснување за какви потврди станува збор и кои се условите и начините за нивно издавање побаравме и од МТСП. До објавување на текстот сè уште не добивме одговор.
*(Дополнето на 25. јули) Два дена по објавата на сторијата, од МТСП го добивме писмениот одговор на барањето на Иницијативата на жени од Шуто Оризари. Во документот, од Министерството наведуваат дека: „За лицата кои не се регистрирани воопшто во матичната книга на родени, центрите за социјална работа немаат никаква основа, ниту можност за издавање на потврди“.
Има ли излез од лавиринтот?
Невладините организации подолго време препорачуваат дека е потребно да се обезбеди привремен идентификационен број со кој на лицата без лична документација ќе им се овозможи непречено и полесно користење на правата кои ги имаат од програмите за здравствена заштита.
Беќир Халим смета дека носителите на одлуките треба да ја вклучат заедницата и граѓанските организации во носењето на законите и политиките. Во спротивно, се случуваат вакви ситуации во кои постојат програми, кои остануваат само на хартија.
„Вака кога ќе кажеме – „бесплатни анализи во тек на бременост“ – многу убаво звучи. Меѓутоа патот по кој овие лица треба да одат, препраќање од една до друга институција, е навистина како лавиринт. Според нас, најдобро би било, бидејќи во ГАК навистина се оптоварени, оваа мерка да биде на примарно ниво, кај матичните гинеколози. Но, да се најде начин како тие би можеле да ги рефундираат средствата, односно парите од Фондот за здравствено осигурување или Министерството за здравство“, објаснува таа.
Уште од 2011 година е започната заедничка акција на МТСП, Министерството за внатрешни работи и Управата за водење на матичните книги на евиденција за идентификација на лицата коишто не се евидентирани во матичните книги на евиденција. Владата во март најави интензивирање на решавањето на овој проблем, со очекување дека во процесот ќе бидат опфатени околу 3.000 лица.
Во тек е активен јавен повик за прибирање податоци за овие граѓани, кој ќе трае до 30 септември.
Тоа се уште многу непроспиени ноќи во кои бремените Ромки без идентификација ќе размислуваат како ќе помине нивната бременост.
Даниел Евросимоски