„Забрането е внесување тажни мисли“. Овие зборови, испишани на платно, ќе ве пречекаат на влезот од новите бараки во студентскиот дом „Стив Наумов“ во скопската населба Автокоманда. Во дворот, пак, развеани знамиња на сите поранешни југословенски држави потсетуваат на дел од земјите кои помогнале при обновување на темелите на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.
Од вчера над 100 граѓани од целиот Балкан ја започнаа работната акција „Скопје на нашите дланки“ со цел да го средат просторот во и околу студентскиот кампус. Но, акцијата повеќе е симболична, бидејќи токму студентскиот дом „Стив Наумов“ е резултат на една од работните акции во 63-та година.
Радио МОФ разговараше со дел од „акцијашите“, како што се нарекуваат. Повозрасните се вклучиле за да се потсетат на времињата од поранешна Југославија. Помладите, пак, ги повела желбата за дружба, но и за чистење на природата од отпад.
Златана Милин од Смедерево, Србија, вели дека никогаш не е доцна некој да се вклучи во работна акција. Има 55 години, но тоа не ја спречи да допатува до Скопје за да помогне во одбележувањето на овој важен ден за скопјани. Таа помага во кујната, но и во дворот.
„Многу ни е убаво тука, се дружиме, работиме, пееме“, вели таа додека правеше пауза.
Милин порачува да не се заборават некогашните работни акции – да не се заборави братството и единството.
„Да дојдат, да се вклучат и младите“, додаде Манеско Иван од Бела Црква, исто од Србија.
Тој долги години работел во странство, но по пензијата решил да прави корисна работа, па поради тоа одлучил да се вклучи во акцијата.
Во кампусот на Земјоделскиот и Шумарскиот факултет, кои се наоѓаат зад студентскиот дом, голем број млади со лопати и метли во раце го расчистуваа отпадот во дворот, кој ќе го добие името Парк на пријателството.
Иако обвиени во прашина, тие беа расположени да зборуваат за мотивите зошто се вклучиле во ваква акција.
Милан Рашиќ од Ниш започнал со работни акции во својот град, по што продолжил и во други градови. Вели сака да се запознава со луѓе и да собира искуство од други градови и држави.
Желена Спасиќ од Босна и Херцеговина, пак, ни раскажа дека во Скопје пристигнала со семејството. Нејзината желба е да ја исчисти земјата од отпад.
„Запознав многу нови и добри луѓе“, ни рече таа.
„Треба да не стават во поголем хотел, да не има илјадници“, додаде Рашиќ.
Со воз до Скопје пристигнало семејството Цвар по потекло од Словенија. Тие се дел од Здружението на акцијаши од Општина Лопара во Република Српска.
Се сеќаваат на својата прва работна акција, во нивните тинејџерски години, кога работеле на автопатот „Братство и единство“ за време на Југославија.
„Ние со сопругата дојдовме да се поклониме на спомените од катастрофалниот земјотрес во 63-та година. И Словенија со својата бригада беше овде, помагаше. Тогаш се виде голема солидарност“, вели Александар Цвар, кој во Македонија досега дошол пет пати.
Нивното здружение донело 20 работници, од кои најмладиот има 14, а најстариот 75 години.
Горица Василевиќ Прелиќ, исто од Општина Лопара, вели дека се пријавила во акцијата за да им помогне на своите другари од Скопје. Сакала ги поддржи во овој проект, исто како што тие ги поддржале во нивните. Таа е импресионирана од тоа колку градот успеал да се воздигне по земјотресот.
„Го посетивме епицентарот и доста се смениле работите. Има и убави и грди спомени“, искоментира таа.
Младата Елеонора Пешевска, од Здружението на граѓани „Акцијаши – Скопје“, кое е организатор на акцијата, вели дека во Македонија малку се знае за работата на ваквите здруженија кои денес ги има само три, во Скопје, Куманово и Охрид.
„Ние си помагаме едни на други, за да ни биде убаво, да ни биде чисто. Утре кога ќе излеземе надвор, убаво ни е затоа што ние сме средувале, сме си го подобриле начинот на живот“, вели младата „акцијашка“.
Таа е во здружението од самите негови почетоци, а досега учествувала на бројни акции. Се сеќава пред пет години кога исто по повод годишнина од земјотресот го средувале Градскиот Парк. Но, според неа, потребно е почесто да се одржуваат вакви акции.
Да се врати духот на волонтерството, солидарноста и хуманоста, посакува претседателот на акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ од Охрид, Зоран Стевоски.
Тој 12 пати учествувал во сојузните акции кои се одржувале до 90-тите години во Југославија. Нивното здружение, пак, во последните 6 години учествувало во бројни акции, како на пример при поплавите во српско Краљево и скопско Стајковци.
„Да направиме од младите здрави, морални личности и да им создадеме работни навики“, е идејата на здружението ни рече Стевоски.
Тој ги повика скопјани, но пред се, младите луѓе, да се вклучат во акцијата и да придонесат со своето искуство.
Акцијата ќе трае до 26 јули, а се одвива во периодот од 8 до 12 часот. Таа е отворена за секој граѓанин кој сака да се приклучи во одбележувањето на годишнината од земјотресот.
Емилија Петреска