Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) ги осудува усвоените измени во Изборниот Законик кои беа донесени вчера во Собранието, по скратена постапка. Смета дека некои од решенијата се скандалозни.
Првата забелешка е на промената со која платеното политичко рекламирање, кое досега партиите и кандидатите го плаќаа од свој џеб, сега се префрла на товар на државниот буџет, а ќе се плаќа од Министерството за финансии, односно од парите на граѓаните.
„Во европската пракса постојат изолирани случаи за надоместување на трошоците на медиумите од државните буџети за време на избори, но за медиумите на кои им се наметнуваат обврски за бесплатно политичко претставување на учесниците во изборите, во услови кога е забрането платеното политичко рекламирање, што не е случај во Република Македонија“, порачува ААВМУ.
Од регулаторот на медиумите велат и дека новововедените дополнителни лимити за платено рекламирање нема да обезбедат еднакви услови за сите, оти ги фаворизира големите партии, а целосно ги изостава независните кандидати.
„Новата одредба за дополнителните лимити за платено политичко рекламирање на радијата и телевизиите, повторно не обезбедува еднакви услови за пристап до платеното политичко рекламирање за сите учесници во изборниот процес, затоа што им дава предност на партиите од власта и од парламентарната опозиција, а воопшто не предвидува време за рекламирање за независните кандидати“, се вели во соопштението од ААВМУ во кое посочуваат и дека одредбата партиите и кандидатите да ги изготвуваат медиа плановите за платено политичко рекламирање, наместо тоа да го прават медиумите, е мешање во уредувачката слобода на медиумите.
Агенцијата реагира и што наместо да се избрише обврската за мониторирање на онлајн медиумите во политичка кампања, тоа се префрла на Државната изборна комисија (ДИК)
„И на крајот, наместо да се избрише обврската за мониторинг на медиумското претставување на интернет порталите по двегодишните укажувања од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Здружението на новинарите на Македонија, граѓанскиот сектор и стручната јавност, затоа што е спротивна на европските стандарди, со измените обврски за мониторинг на порталите и се наметнуваат на Државната изборна комисија“, велат од ААВМУ.