Сервисот за стримање музика „Спотифај“ регистрира 83 милиони претплатници во светот до крајот на јуни.
Пред само три месеци, бројката изнесувала 75 милиони корисници, што е скок кој не значи и финансиско подобрување за шведската платформа.
Од „Спотифај“ соопштуваат дека тој скок на бројот на претплатници е благодарение на зголемениот интерес во Латинска Америка и југоисточна Азија, каде претплатниците користат семејни пакети кои се поевтини од поединечните пакети.
Сервисот за стримање за година дена регистрира 40 отсто зголемување на бројот на корисници меѓу кои се и оние што користат бесплатни пакети со реклами. „Спотифај“ има 180 милиони активни корисници на месечно ниво.
Спротивно од нејзиниот брз развој, платформата не остварила профит од основањето во 2005 година. Сервисот изгубил 90 милиони евра во еден квартал, но управата на платформата наведува дека повеќе сака да се фокусира на географското ширење. Платформата, сепак, се уште не е достапна за македонските граѓани.
Нејзиниот конкурент, „Епл мјузик“, основан пред три години, соопшти во мај дека имал повеќе од 50 милиони претплатници.