Министерството за одбрана ќе стипендира студенти на Факултетот за електротехника и информациски технологии, а Факултетот, пак, ќе обезбеди стипендии за постдипломски за вработени во МО. Меморандумот за соработка денеска во просториите на Факултетот го потпишаа министерката за одбрана Радмила Шекеринска и деканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски.
„Министерството ќе стипендира студенти на ФЕИТ во последните години, со кои се надеваме дека ќе ги убедиме да останат не само во државата, туку и да помагаат во секторот одбрана кој што бара навистина многу сериозни, многу специфични и многу високо-експертски знаења во оваа област. Факултетот од друга страна се обврза за вработени во Министерството да обезбедува стипендии за постдипломски студии“, информираше министерката.
Таа истакна дека Меморандумот ќе биде од корист за двете институции, но најголемиот корисник додаде, ќе биде земјава, каде вистинските луѓе ќе работат на вистинските места каде ќе можат да го пренесат своето знаење.
Деканот на ФЕИТ, Ташковски изрази задоволство од потпишувањето на Меморандумот и можност за зајакнување на соработката. Тој истакна дека двете институциите ќе соработуваат во неколку сегменти – доедукација на вработените, работа на проекти, дефинирање на стуидиски програми, консултантски услуги.