Општина Аеродром објави оглас за вработување 10 стручни лица со професија дефектолог, психолог и педагог, кои ќе бидат ангажирани за помош на деца со посебни образовни потреби. Огласот трае до 14 август.
Од општината информираат дека станува збор за проектот „Унапредување на воспитно-образовниот процес и секојдневната грижа на децата со посебни образовни потреби, кои ги посетуваат училиштата во Општина Аеродром“. Проектот го спроведуваат општина Аеродром, Агенцијата за вработување и УНДП.
Целта на овој проект, како што се наведува, е да ја подобри грижата за децата со посебни образовни потреби за нивна уште поголема инклузија во образовниот процес и непречено одвивање на сите образовни активности во три основни училишта на територијата на општина Аеродром: „Ѓорѓија Пулевски“, „Лазо Ангеловски“ и „Александар Македонски“.
„Од друга страна, преку овој проект ќе им се помогне на активните баратели на работа (дефектолози, педагози, психолози и други професии од сферата на грижа на лица со посебни образовни потреби) да се стекнат со професионално работно искуство и вештини, за да станат поквалификувани и конкурентни на пазарот на трудот, со крајна цел намалување на невработеноста во општината и во државата“, велат од општината.
Ангажираните лица ќе бидат задолжени за следење на учениците со посебни образовни потреби, на кои им е потребна дополнителна стручна помош за успешно адаптирање и ресоцијализација преку најразлични вежби и индивидуална работа.
Повеќе детали може да се добијат во општина Аеродром, во Агенцијата за вработување, во Центарот за социјална работа во Скопје и преку линкот http://aerodrom.gov.mk/vest/