Глечерот на шведската планина Кебнекаисе толку се стопи на летните арктички температури што повеќе не е највисокиот врв во таа земја.
Ова е страшно“, изјави Гунхилд Нинис Росквист, професорка по географија на универзитетот во Стокхолм кој со години ја мери висината на глечерот во рамки на истражувањата за климатските промени.
„Овој глечер е симбол на сите глечери во светот. Целата околина се топи, снегот се топи, а тоа влијае врз целиот екосистем: растенијата, животните, климата, сѐ“, вели Росквист. „Тука климатските промени јасно се гледаат“.
Кебнекаисе е популарна туристичка дестинација на далечниот север на Шведска. Има два врва – јужниот кој е покриен со мраз и северниот кој е карпест. Јужниот врв за време на јули изгубил четири метри снег.
„Површината на глечерот никогаш не била пониска. Буквално гледам како тече вода од страните, тоа никогаш не сум го доживеала“, кажа Росквист.
На почетокот на неделата јужниот врв бил висок 2.097 метри, односно бил само 20 сантиметри повисок од северниот, кој е постојано на 2.096,20 метри.
„Не го меревме оттогаш, но бидејќи температурата беше над 20 Целзиусови степени, јужниот врв сигурно се стопил под нивото на северниот“, објаснува Росквист.
Следното официјално мерење ќе биде на почетокот на септември.
„До тогаш очекувам јужниот врв да биде барем еден метар понизок“, вели Росквист.
Шведска во јули забележа рекордно високи температури и се бореше со десетици шумски пожари, дури и во арктичкиот круг.
Јужниот врв, чија висина се мери од 1880 година, во просек секој година губи еден метар висина во последните децении. Глечерот зимава ќе врати нешто од својата висина која повторно ќе ја изгуби следното лето.