Европската федерација на новинарите (ЕФН) изрази силна поддршка на ставот на македонските медиумски организации, кои се спротивставија на последните измени на изборната регулатива.
Според ЕФН, апсолутно е оправдана критиката на еснафските здруженија дека новите законски решенија овозможуваат мешање на властите во слободата на медиумите и независноста на уредувачката политика за време на изборни кампањи.
„Овие штетни измени на Изборниот законик не придонесуваат во ситуација кога имаме блокирани медиумски реформи и несомнено ќе влијаат и во работата на медиумите и во севкупниот демократски амбиент за време на предизборните кампањи во негативен правец“, се вели во соопштението на ЕФН.
Европската федерација на новинарите реагира и дека со една од измените Државната изборна комисија се овластува да ги регистрира и да го следи известување на онлајн медиумите за време на изборите.
Покрај ова, предвидени се и казни до 4.000 евра за неизбалансирано или непристрасно известување во медиумите.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.