Во ликовната галерија при Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево вечерва од 20 часот ќе се одржи изложба на фотографии „Ритам во кадар“ на Дражан Брачиќ.
„Музиката и нејзиниот ритам да се претстават преку фотографија е по правило невозможен процес. Различни сетила перцепираат звук и слика, да се замени едно со друго, да се долови атмосфера на концерт, забава, свирка, да се слушне музиката и почувствува ритамот…овој предизвик Дражан Брачиќ се обиде да го реализира преку изложба на фотографии со наслов ‘Ритам во кадар’. Изложбата е плод на долгогодишно фотографирање на такви настани, најчесто во underground атмосфера на клубови, импровизирани сцени и простори, каде не импонира името на бендот туку нивната енергија и емоции искажани на сцената и влијанието врз публиката“, стои во најавата за изложбата.
Дражан Брачиќ е фотограф – член на фото сојуз на Македонија и фото сојуз на Србија. Автор на три самостојни изложби од кои две се со патронажа на уметничкиот совет на ФСМ („Хераклеа“ и „Street“) и учесник во над 60 изложби од домашен и меѓународен карактер. Исто така, добитник е на домашни и меѓународни признанија за фотографија и автор на над 100 фотографии објавени во книги, каталози, брошури, постери.