Фотографот на Обама го „трола“ Трамп со негови фотографии од поранешниот претседател

Пит Соуза, официјалниот фотограф на Белата куќа за време на мандатот на поранешниот американски претседател Барак Обама, се занимава со ново хоби во кое изгледа дека ужива исто колку и во правење на фотографии – „тролање“ на Доналд Трамп.

Уште откако 45-тиот американски претседател стапи на функцијата, Соуза користи фотографии од својата архива од Белата куќа заедно со саркастичен и провокативен текст на социјалните мрежи, како начин на критика кон Трамп.

Во средата, кратко откако Трамп на Твитер ја нарече неговата поранешна помошничка Омароса „тоа куче“ (that dog), Соуза објави фотографија од Обама и Бо, едно од неговите кучињата домашни миленици, со коментар под сликата: „Вистинско куче кое чека вистински претседател“.

A real dog waiting for a real President. #throwshadethenvote

A post shared by Pete Souza (@petesouza) on

Објавата беше една од највпечатливите и собра повеќе од 150.000 лајкови, но е типичен начин на кој преку неговиот Инстаграм профил Соуза ги потсетува своите следбеници на разликите помеѓу администрацијата на Обама и онаа на Трамп.

На пример, додека Трамп беше бесен на Ангела Меркел за време на Г7 конференцијата во јуни, Соуза објави фотографија од германската канцеларка и Обама на планините околу Минхен за време на нивната средба на Г7 самитот во 2015 година. Фотографијата ја нарече: „најдобри пријатели“.

Besties.

A post shared by Pete Souza (@petesouza) on

Тонот кој го користи е типичен за објавите на Соуза. Наоѓа фотографија од времето на Обама и ја споредува со она што е актуелно во вестите, додавајќи малку провокативен текст. Кога минатата недела Омароса објави дека тајно ги снимала разговорите во командната соба на Белата куќа, Соуза објави фотографија од Обама и неговиот безбедносен тим во оваа просторија од претседателската резиденција со текст: „Телефоните и другите комуникациски уреди не беа дозволени во овие соби. Само да си кажам“.

За време на велигденските празници оваа година, кога имаше серија на откази на функционери во администрацијата на Трамп, фотографот објави глава од костим на велигденско зајаче зад група на деца со текст: „Очигледно велигденското зајче добило отказ вчера, но никој не го забележал тоа“.

Apparently the Easter Bunny got fired yesterday and no one even noticed.

A post shared by Pete Souza (@petesouza) on


Понекогаш неговите објави знаат да бидат прилично остри во критиката. Додека беснеа шумските пожари во Калифорнија, Соуза постави фотографија на Обама од неговата посета по пожар во Колорадо. Тој посочи дека Обама всушност бил на местото на настанот, наместо „да твита бесмислици околу тоа како водата не се користи на прав начин“. Кривицата за пожарите Трамп ја насочи кон недостатокот на вода во Калифорнија, тврдење кое локалните пожарникари го оценија како целосно погрешно.

Соуза понекогаш објавува неколку слики на ден, а дел од коментаторите го критикуваат поради неговиот недостиг на дискреција како и поради преголемото романтизирање на владеењето на Обама. Сепак, тој не покажува знаци дека планира да престане со тоа што го прави. Скоро објави книга, со наслов „Сенка“, во која ги споредува неговите фотографии од претседателствувањето на Обама со фотографиите на други фотографи од администрацијата на Трамп.