Кога локалните власти решија да градат бензинска станица во паркот во Аеродром, граѓаните излегоа на протест. Кршеа лимови, собираа потписи, тропаа на вратите на сите институции, но залудно. Не минаа подобро и тие што се бунеа против сечата на липите на Илинденска, новите згради зад Домот на градежници, против унишувањето на паркот спроти хотелот Бристол. Ваквите примери се бројни, граѓаните многупати ја изгубија битката со локалните власти.
Во Аеродром не само што бензинската пумпа никна веднаш до зградите, неодамна се изгради и уште една од спротива. За втората изостанаа протестите, но остана револтот, велат жителите.
Во 4 часот наутро се менуваше и урбанистичкиот план за паркот спроти Бристол. Собраните потписи и протестот на жителите во зградите до паркот не дадоа никаков ефект. Локалните власти одлучија дека приоритетно за граѓаните било пред нивните прозорци да изградат десеткатница за државната администрација.
Но, додека граѓаните ја чекаат одлуката на Уставниот суд, општината им даде амин на градежните комании да го прекопаа паркот. Кога станува збор за центарот на Скопје, граѓаните се маргинализирани, а игнорантскиот однос на институциите никогаш не бил поголем, коментира активистот Никола Наумовски, од „Плоштад Слобода“, кој последниве години ги следи промените во централното подрачје.
Во неможноста да сторат нешто граѓаните стануваат пасивни кон она што се случува во нивниот двор, коментира и професорот по политичка социологија Петар Атанасов. Секоја критика на нож е дочекана од власта, вели тој, но не смее да се молчи.
Според последното истражување на граѓанските здруженија за транспарентноста на локалните власти финансирано од УСАИД, 62% од граѓаните се пожалиле дека никогаш не биле поканети на јавна расправа, 80% пак никогаш не присуствувале на седница на советот. Посебни истражувања за урбанистичките проблеми во овој дел нема, но како што велат граѓаните, колку поблиску живеете до центарот на градот, толку е посилен притисокот на локалните власти, квадратот е поскап, а гласот на жителите потивок. Липите си заминаа во историјата, но надежта остана. И креативноста на скопјани кои веруваат дека моќта сепак е во граѓаните.
Јасмина Јакимова