Во Музеј на современата уметност (МСУ) утре од 20 часот ќе биде отворена изложбата „Black raw memory“ на хрватскиот уметник Владимир Фрелих.
„Нештата што не опкружуваат и со кои сме во некаков вид на односи, оставаат во нас емотивна трага. Колку и да сме индиферентни кон одредена работа или пак субјективно заинтересирани, на крајот сѐ може да се сведе на две категории: на нашиот позитивен или негативен став. Низ позитивна призма го гледаме сето она од што не сакаме да се ослободиме, она со што се опкружуваме, што го собираме и претрупуваме, градејќи слика за себе. Другото, што од каква било причина не ни се допаѓа и го сметаме за потрошено, расипано или непријатно, ако не со брза одлука, тогаш постепено го поттиснуваме од себе, складирајќи го на некое место кадешто нема да ни се испречува и да не потсетува во секој момент. Со време тоа место е сѐ поодалечено од нас. Поединци, општества, институции, села, градови, држави, секојдневно ги отфрлуваат деловите од својот мемориски и материјален идентитет, градејќи за себе утописка, епско-идеална слика во огледало“, стои во најавата за изложбата.
Владимир Фрелих е уметник што се занимава со концептулно мултимедиски дела, кои доаѓаат често до граничните подрачја на медиумот. Од 2007 е професор на Уметничката академија во Осиек на отсекот за мултимедиуми, а од 2010 е гостин професор на Академијата за уметности во Нови Сад.