Муабетот:
Таа: Знаеш Солза, ние овде во Македонија немаме ниту една реченица, порака, говор од политичариве или јавниве личности, што е толку моќен и инспиративен да сите го цитираме. Како цитатите од Ганди, Лутер..
Јас: Е како немаме, имаме!
„Разумен компромис , си е разумен компромис“ – Хорхе
Таа: (се смее, али туга у очи)
Уствари имаме бе, онаа од Гоце –
„Јас го разбирам светот како поле, за културен натпревар меѓу народите“.
Е овде драги мои започна сѐ. Ние двете го правиме муабетов сеуште под импресии од една дебата на која што присуствувавме и ни улета прочуенава реченица на Гоце. Ех, да знае тој дека културниов натпревар нас ни е всушност ко наместен фудбалски натпревар во некоја италијанска лига. Победникот се знае однапред, ама шоуто мора да продолжи, па и натпреварот и понатаму се игра, фудбалерите паѓаат, се превртуваат, си ставаат сопки, пцујат судии, се радуваат, плачат итн. Натпревар нема, ама затоа шоуто е на ниво. А оние, најнаивните навивачи на „победничкиот“ клуб, срцки, и понатаму веруваат и ги бранат своите миленици.. Абе не беше местена, шо ти е!
Сега тука ќе престанам да правам споредби со фудбал, бидејќи искрено не сум сосема лаик, но не сум ниту толку солиден познавач на тој спорт за да можам да го напишам целиов текст како метафора со фудбалски натпревар. Да се вратиме на познатата Гоцева реченица – тој вели, културен натпревар меѓу народите. Ако зборот натпревар, го замениме со муабет, или дискусија, или дебата, ќе добиеме една сосема малку поинаква мисла од онаа на Гоце, но генерално, значењето е исто. Во едно модерно општество, во какво наводно живееме, дебатата би требало да биде еден културен натпревар на аргументи и идеи, кој ќе придонесе за општеството континуирано да се развива. Од тука е веќе кристално јасно зошто ние тапкаме во место, или пак на моменти дури и се враќаме наназад. Лидерите и менаџерите на нашава држава, оние кои треба да постават пример, за почеток не знаат да зборуваат и да се изразуваат (чест на исклучоци), без притоа да звучат крајно простачки и неписмено, а ова е кога се сами на говорница. Е, кога ќе ги донесеш во студио, во некоја емисија, каде треба да разговараат со новинар, или со политички или идеолошки противник, тогаш настанува циркусот. Аргумент и контра аргумент се мислени именки за нашиве јунаци, повторно со чест на исклучоци застапени со 0.000001%. И тоа е ако воопшто се појават во некоја емисија да дебатираат. Најчестата слика е – политичар си оди во својата купена емисија, дрдори нешто за проекти, се смешка, се дуе ко бумбар во мај, водителот нормално само ги чита однапред договорените прашања и толку. На крај политичарот завршува, вика дечки чао журим, морам да идам да фрлам лопата, остани ми со здравје Гоцева расо, и не заборавајте – Бранко е крив! Друга слика е – се соочуваат двајца политички противници во дебатна емисија (има уште такви?), треба да дискутираат на некоја тема. Водителот или водителката, се труди помалку или повеќе професионално да го координира разговорот, за нели дебатериве да не забегаат од темата, па и да ги боцне со некое прашање и тоа тече така првите пет минути и после сѐ се сведува на тоа да дебатериве не знаат кој повеќе се дере, кој на кого му улетува во збор, темата небитна, се дискутира за козата на комшијата, летаат навреди, водителката кубе коси и културниов натпревар отишол јабана. И тоа драга моја Гоцева расо, се нашите водачи, луѓе на кои сме им ја дале довербата да ја водат нашата држава.
Од друга страна во нашава државичка постои некој зрак светлина, кој за жал тешко се пробива низ толку густа магла, но сепак го има, а тоа е една група млади луѓе, паметни деца, сеуште неизбегани од државава, кои се пред се воспитани од дома, образовани, начитани, знаат да се изразуваат и имаат визија. Тие имаат разбирање, имаат мисла и идеја и сакаат да научат како да ја искористат во насока на некаков напредок. Тоа го увидов на истата таа дебата на која присуствував, од каде што и делумно ми потекна инспирацијата да започнам блог. Младинскиот образовен форум (МОФ) во своите рамки има дебатен клуб и од тоа што сум следела до сега, прилично успешен. Тие се исто така и организатори на „Аргумент“, настан од типот јавна дебата, настан преку кој тие помалку или повеќе суптилно се трудат да наметнат на нашиве јавни личности основни параметри за тоа како културно се дискутира на одредена тема, и како преку културен муабет може да се извлечат здраворазумни заклучоци и решенија. Дебатни клубови започнуваат да никнуваат и на одредени факултети, што уште повеќе, барем на мене, ми влева надеж дека нешто може да се промени во јавната комуникација и дискусија во нашава држава. Или барем, да се поттикне критичката мисла и нејзиното искажување.
Но, до кога оние од горе ќе ставаат кочници на секој замав здрав разум што ќе почне да се шири и ќе се погрижат истиот да биде одлеан надвор од овие граници и да придонесува за развој на општества кои не се нашето? Бар да знаеја тие од горе што значи тој културен натпревар, бар да знаеја искрено да говорат, бар да имаа муда културно да се натпреваруваат… Наместо тоа се погрижија да ги поделат луѓето до степен на дискриминација по сите основи, верска, етничка, политичка. Каква е побогу таа дискриминација која потекнува од застапувањето на различен став или идеологија? Попијте пиво бе ало!!!
Архимед рекол- дајте ми доволно голем лост и ќе го поместам светот. Македонски политичар рекол – дајте ми доволно удобна фотеља и ќе ве закопам за век и веков. Знам дека ви се удобни фотељите драги политичари, ама од многу седење во фотеља ќе направите дупка во истата, па пазете да не пропаднете во неа.
Да се биде дел од Гоцевата раса, значи да се биде следбеник на истиот оној младич што меѓу редови сакал да каже дека општеството може да се развива само преку културен муабет (во кафана или парламент сеедно), и тоа треба да претставува гордост, а не да биде предмет за мајтапење,
Ах драг мој Гоце, колку погрешно те интерпретираат, и тебе и твојот ценет брк..
*за потребите на текстот, авторката излезе на тераса
Текстот е преземен од блогот на Солза Тановска – kafanskimuabeti.blogspot.com