Главната придобивка на демократијата е непосредноста во одлучувањето за прашањата кои сите не засегаат. Таква е впрочем и актулената одлуката поврзана со рефрендумското изјаснување за прашањето:Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција? Имено, од суштествена важност за нашата лична и колективна иднина е ние самите да решиме како ќе живееме понатаму. Во секоја демократија, па така и во „нашава”, референдумот е ретка можност да си ги кажеме нашите ставови, но, уште повaжно, да учествуваме во обликувањето на нашата иднина. Во секоја демократија, па така и во „нашава”, референдумот е ретка можност да си ги кажеме нашите ставови, но, уште повaжно, да учествуваме во обликувањето на нашата иднина. Ова референдумско изјаснување, не е изјаснување за или против партиите – независно дали се од власта или опозицијата. Изјаснувањето е натпартиско и надетничко, оти се однесува на сите нас што живееме тука, независно од таборите. Изјаснувањето, со други зборови, ги надминува тесните партиски и етнички јадра, оти на рефрендумот се гласа по лично убедување, но ги засега сите жители на оваа земја.
Наша генерациска и граѓанска должност е да одлучиме дали сме за членството во ЕУ и НАТО, но уште повеќе, на рефрендумот одлучуваме и за иднината младите што живеат тука. Затоа, пред да ја донесеме таа важна одлука, треба да знаеме дека младите од Македонија сега ги немаат истите можности како нивните европски врсници, а тоа е така, токму поради фактот што Македонија не е земја-членка. Унијата, имено, нуди огромни можности на нив, вклучувајќи ги пред се: правото на работа, на обука и образование, на патување во сите земји-членки. Членството во ЕУ со други зборови, значи, дека младите имаат право да се обучуваат и учат во која било земја на ЕУ – под исти услови. Во оваа смисла, предностите на обуките може да се согледаат преку еразмус шемата на Европската Унија , но, освен оваа програма, во Унијата постојат и други политики тесно насочени кон младите. Таква е програмата како „Креативна Европа“ , фокусирана на промоција на културната и јазичната разновидност. Но, тука е и Специјалниот европски социјален фонд , што претставува важна рамка на национални секторски или регионализирани програми за поддршка на подобрувањето на вработувањето и социјалната вклученост на младите.
Накратко, ЕУ ги поддржува работните места за помладите генерации со милиони евра, и финансира иницијативи за вработување на младите – напр, преку Европската Комисија – која предвидува буџет за вработување на младите од околу 8,8 милијарди евра за периодот 2014-2020 година. Унијата исто така, изготвува посебни младински стратегии , па така стратегијата Европа 2020 се фокусира и на младите, каде предвидува сеопфатен пакет политички иницијативи токму за образование и за вработување. Ова на пример, ја вклучува и т.н иницијатива „вашата прва работа на eures“, што е шема за мобилност на работни места- како би се олеснило вработувањето низ цела Европа. Слично, европскиот младински портал е посебна веб-страница наменета за помош кон ориентирање на младите низ многуте можности што ги нуди Унијата во различни области од интерес – почнувајќи од волонтирање, работа, учење, култура, креативност, итн.
Накратко, на референдумот на 30 септември, освен што треба да се произнесеме за себе, ние одлучуваме и за иднинанта на помладите генерации – дали тие ќе ги ползуваат истите придобивки како нивните европски врсници?! Во ова изјаснување, сепак, најважен е ставот и на самите млади. Оттука и мојот апел до нив е токму тие масовно да се вклучат, да излезат и гласаат за себе и за својата иднина.
Поздрав до слатките млади , YOUTH KNOWS NO PAIN.
Ана Чупеска
* Колумната е објавена како дел од акцијата „Мисли на глас“ на Младински образовен форум во рамки на граѓанската иницијатива „Зачекори напред! Изборот е твој“. Објавените содржини не секогаш ги одразуваат ставовите на Радио МОФ и Младински образовен форум.