Единаесеттото организирано возење велосипеди „Критична маса“, кое го приредува групата „наТочак“ ќе се одржи во среда, на 27 март, а ќе се тргне од платото спроти владата на Р. Македонија.
„Паркираните возила на патеките како проблем се на врвот на листата на нешта кои им пречат на велосипедистите при движењето низ Скопје, според анкетата спроведена од „наТочак“ минатата година. Приморани сме да се симнуваме на коловоз (па да се враќаме назад, па пак да се симнуваме), на места неопределени за тоа, меѓу возила во движење, со што е загрозена безбедноста на сите! Има и сограѓани на кои им ‘рѓосуваат точаците во гаражите токму поради овој проблем! “, велат организаторите.
Тие сметаат дека проблемот е повеќеслоен (од културата на возачите преку сообраќајните служби до планирањето на градот) но се сведува на едно: пешаците и велосипедистите не се перципирани како (рамноправни) учесници во сообраќајот, туку како некој кој „го собира, ќе помине“.
„НаТочак“ се обрати преку летоци на возачите на неодговорно паркираните возила низ градот, а ќе се обрати и до одговорните служби во МВР да преземат нешто велосипедските патеки (како што името им налага) да бидат слободни за движење на велосипедистите!
Рута на движење на велосипедистите: http://0.mk/km11