[Галерија] Обиколка низ Амстердам и Ајндховен во три дена

Холандија можеби е една од географски најниско позиционираните земји во светот, но затоа нејзината култура, општествениот и економски развој се на високо ниво. Позната по своите ветерници, лалињата во најразлични бои, илјадниците велосипеди, Холандија е атракција за огромен број туристи низ целиот свет. Беше и за нас, па решивме да направиме мала споредба со балканскиот простор и да понудиме совети за оние што можеби сè уште се предомислуваат. Без да должиме, во продолжение, нашите препораки и доживувања:

Транспорт и сместување

Ова е секако најголемиот предизвик за секој што патува – како да се стигне до саканата дестинација и каде да се престојува, а при тоа да не фрлите куп пари. Ние ја имаме нискобуџетната компанија „Виз ер“, па цените на летовите се далеку пониски од останатите авиокомпании. Овде би напоменале дека е добро да ги следите попустите кои компанијата ги нуди, бидејќи навистина може да ви помогне, или ако ништо друго, ви остава простор останатите пари да ги инвестирате во подобро сместување.

За нас, подобра верзија беше да престојуваме во Ајндховен, кој се наоѓа на југот на државата. Цените на сместувањето се многу пониски од тие во Амстердам, а транспортот е одлично организиран, па често преку денот има автобуси и возови кои водат до главниот град, како на пример автобуските компании Flixbus (тие имаат повеќе термини за одење и враќање), или Euro lines.

Избравме да резервираме сместување преку „Airbnb“, но на вас останува дали ќе изберете и некоја друга компанија како „Booking“, или пак, доколку сакате авантура и повеќе дружење со локалци преку „Couchsurfing“.

Холандија има сложен систем за јавен превоз доколку сте странец, со одредени исклучоци. Слична на ЈСП картичката, тие ја имаат OV-Chipkaart која може да биде персонализирана или „анонимна“ и само таа чини приближно 8 евра, без дополнителен кредит. Но, за обичен турист во Ајндховен врши работа и ткн. дневен билет „off-peak day“ кој важи за автобусите на компанијата „Хермес“ преку викенд или за државни празници и чини 6.22 евра. Друга опција во случај ако ретко користите јавен превоз е еднократниот билет кој чини 3.98 евра. Во Амстердам, пак, за 8 евра имате дневен билет со кој можете да менувате метро, автобус или трамвај и е одлично за туристите кои имаат огромна листа на работи што сакаат да ги посетат, а малку време.

Од аеродромот во Ајндховен до центарот на градот се пристигнува со автобусите 400 и 401 за речиси 25 минути, од кои 400 застанува на сите станици, па ние решивме да се качиме во него и да го разгледаме соседството. Билет може да си купите од штандот означен со „Mobile point“ во самиот аеродром.

Како изгледаат автобусите во јавниот превоз во Ајндховен

Важно е да знаете дека во кој било автобус не може да се плаќа во кеш, туку единствено со OV-картичка, или пак, со вашата платежна картичка. Исто така, не заборавајте ја да куцнете OV-картичката и на излегување.

Што да се посети во Ајндховен

Иако можеби од прво не звучи привлечно како Амстердам, но во Ајндховен всушност ќе го доживеете секојдневието во Холандија. Тишината и мирот кои остануваат откако туристите ќе си заминат.

Секако, прва работи што ја забележавме е едноставната, но карактеристична архитектура.

Државата со децении наназад го промовира велосипедот како примарно средство за превоз низ градот, па така што не треба да ве чудат сликите со огромниот број велосипеди.

Сепак, имавме мала забелешка – туристите навистина треба да внимаваат на велосипедистите, бидејќи ако во Македонија бегаш од автомобилите, во Холандија бегаш од велосипедите. Изгледа пешакот секогаш и секаде е најмалку ценет.

Од области кои препорачуваме да посетите е Strijp-S бидејќи таму најмногу ќе најдете куќи со автентична архитектура. Поновите маала се наоѓаат веќе во околината на поголемите градски паркови.

Еволуон

Големата гордост на градот е компанијата Филипс, која од семеен бизнис прераснала во интернационален двигатор во технологијата. Па така, џиновската зграда во облик на вселенско летало познато како Еволуон e еден од симболите на градот. Изградена во 1966 година од компанијата, првично служела како научен музеј, а денес претставува конференциски центар. Во неговиот двор, преку летото се одржуваат и NatLab кинопроекции на отворено.

Градски центар

Овде ќе наидете на голем број туристи кои исто како вас се обидуваат да фатат добар агол за нивната следна фотографија на социјалните мрежи, или се обидуваат да ги видат цените на облеката која е далеку поскапа од кај нас. Но, ако не сте таков тип на човек, тогаш ви советуваме да ја погледнете катедралата Св. Катерина, која е најголемата и најстарата во градот.

Van Abbe музеј

Следна станица е музејот на современа уметност Van Abbe, кој навистина има со што да ве воодушеви. Уникатните стилови и инвентивност на современите холандски уметници ќе ве залажат и можно е да потрошите повеќе време од што сте предвиделе.

Музејот на Филипс

Во строгиот центар на градот се наоѓа уште еден интересен музеј, а тоа е на компанијата Филипс. Ние го посетивме во недела, така што не моравме да чекаме редици. Во него, покрај историјатот на компанијата и нејзиниот начин на работа, може да ги погледнете и идните иновации во кои тие инвестираат.

Градските паркови

Малку оддалечени од гужвите, се наоѓаат двата поголеми паркови Стадсвандел и Гендер. Но, и помалите ќе ви го понудат истото задоволство на спокој и релаксација.

Наши предлози:

Сепак, не може сè да се види во толку краток период, па ќе мора да направите избор. Но, затоа може да ви дадеме неколку плус предлози од нашата листа што може да ги погледнете.

Едно од тие места е праисториската населба, Prehistorisch dorp, која служи како музеј на отворено. Сместена покрај парк, таа нуди забава и едукација за праисторискиот период на Холандија, каде водичи облечени во автентична облека од тој период прават прошетка со посетителите.

Во Ајндховен се наоѓа и еден од најголемите центри за виртуелна реалност во Европа Enversed. Таму посетители во час и половина може да ги искусат новитетите во ова поле и самостојно или во група да се натпреваруваат во виртуелната реалност. Цената за ова искуство изнесува речиси 35 евра.

Селото Нуенен, каде неколку години живеел и творел еден од најистакнатите холандски уметници Ван Гог е претворено во музеј. До него се доаѓа со автобус и според коментарите кои ги сретнавме е прилично живописно место.

Што да се посети во Амстердам

Од каде да почнеме… Имавме 8 часа да го разгледаме градот, но и тие не беа доволно за да се види сè. Сепак, за оние кои сакаат навистина да го извлечат максимумот од градот, предлагаме да си направите добар план претходно.

Нашата авантура во Амстердам започна од станицата Sloterdijk, каде пристигнавме од Ајндховен. Од овде низ центарот поминува трамвајот број 19, но ние решивме првата станица да ни биде Државниот музеј, или познат како Rijksmuseum. Всушност, овој предел преставува како округ на сите позначајни музеи и секако популарниот знак „Iamsterdam“.

Iamsterdam

Не би сакале да ве разочараме, но доколку сакате да ја направите популарната фотографија со знакот, симбол на градот, очекувајте тоа во исто време да го прават и уште 100 луѓе, минимум. Но, оставаме на вашата креативност на изразување.

Државниот (Rijks) музеј

За овој музеј првично одвоиме еден час, но колку само се преценивме. Во овој музеј се сместени илјадници примероци од холандската, европската и светската уметност, кои датираат векови наназад. Секако, најголемата гужва се прави пред најпознатите дела на Ван Гог и Рембрант, како и импозантното дело на Јан Пинеман „Битката на Ватерло“.

Моко музеј

Иако е мал и релативно нов, за влез во музејот се чекаат редици. Овде ја имате приликата да погледнете уникатна изложба на познатиот британски анонимен уметник Бенкси. Од неговите познати стенсили, до експонати од забавниот парк Дизмаленд, кој го направи како пародија на Дизниленд, ќе се запознаете подобро со критичката мисла што тој се обидува да ја шири.

Каналите во Амстердам и областите Пајп и Јордаан

Со оглед на фактот дека ги има над 100, каналите се неизбежна глетка во градот. На некои од нив ќе забележете агенции кои нудат тури низ каналите. Цените варираат, но почнуваат од 16 евра, па нагоре.

Цветниот пазар

Ако сте љубител на цвеќиња, или едноставно сакате да видете и друга страна на градот, цветниот пазар е одлична прилика да купите сувенир или семе од лале. На дел од штандовите има и семе за канабис, но тоа не би можеле да го однесете преку граница.

Природно-научниот музеј НЕМО

На пет ката, обработувајќи ги сите области од природата и науката, ќе најдете растрчани посетители кои се обидуваат да ги пофатат сите реквизити и да научат нешто ново, било да е од астрономијата, човековата психологија, аеродинамиката или пак, обновливите извори на енергија. Овој музеј дефинитивно ви го препорачуваме ако сте љубител на науката, особено ако го посетувате Амстердам со вашите деца. Иако на прв поглед изгледа како музеј за деца, верувајте и вам ќе ве поведи љубопитноста.

Red light district

Следете го мирисот на запален џоинт и знаете дека сте на вистинскиот пат. Оваа област иако не е типично место што би го посетувале со вашето семејство, особено ако сте со деца, сепак забележавме голем број туристи кои едноставно беа љубопитни да го погледнат „забранетото овошје“. Да бидеме искрени, можете и без ова место. Секое ќоше во Амстердам изгледа сосема добро за забава, да седнете на кафе или пиво. Добро е да се нагласи дека не смеете да ги фотографирате сексуалните работнички, бидејќи може да се најдете во незгодна ситуација од обезбедувањето.

Наши предлози:

Да бидеме реални, осум часа за град како Амстердам е премалку. Но, со добар план, може многу работи да се видат и искусат.

Па така, ние ви ги предлагаме музеите на Ван Гог, куќата на Ана Франк, Музејот на современа уметност (Stedelijk), за љубителите на пиво, фабриката на Хајнекен (но, бидете подготвени да чекате редици) и Молен ван Слотен – воденица изградена во 1847 година, која денес служи како музеј со туристички тури и ја води група волонтери. Таа се наоѓа во околината на Амстердам.

Во суштина, Холандија е прилично услужлива и гостопримлива земја за туристите. Речиси секој што го сретнавме добро зборуваше англиски јазик, така што локалците се овде да ви помогнат со информации.

Понесети си со себе повеќе пари, бидејќи цените се речиси трипати повисоки од кај нас и имајте предвид дека кешот полека се оттргнува, па картичката ви е најдобар избор за плаќање.

Со вас секогаш носете палто и чадор, бидејќи времето во Холандија е доста променливо.

Не очајувајте ако не успеете да посетите добар дел од работите. Штом ќе пристигнете во Холандија, ќе сфатите дека тоа е сосема друга димензија од нашиот балкански простор, така што ништо не сте изгубиле, останува искуството.

Е.П./Б.О.