[Рецензија] DJ Koze – Amygdala

Amygdala е медицински назив за делот од мозокот одговорен за обработка на сеќавањата и чувствата
(велат дека оттаму потекнуваат стравот и лутината, меѓу другото). Своето име и го должи на формата на бадем, а во неа постојано се преплетуваат емоциите и искуствата. Како и многу други делови од мозокот, и Amygdala-та е недоволно истражена, а според последните студии таа би можела да крие и многу други тајни на животот.

[Рецензија] DJ Koze - Amygdala

Како и да се гледа, „Amygdala“ е извонредно име за новиот албум на искусниот и сестран германски
музичар Stefan Kozalla  – DJ Koze, кој официјално излезе пред два дена (на 23 март), за неговата сопствена издавачка куќа Pampa records. Овој албум уште на првото слушање ме погоди како едно од најсвежите изданија досега годинава. На љубителите на електронската музика претходно најмногу познат по својот карактеристичен, длабок техно-сензибилитет, Dj Koze во Amygdala го вложува секој атом талент, за да создаде неповторливо  уживање за почитувачите на електрониката.[Рецензија] DJ Koze - Amygdala

Влечејќи од своето богато музичко искуство во повеќе жанрови (повеќе од две децении учествува во создавањето на современата германската хип-хоп сцена, со својот бенд Fischmob), DJ Koze поставува нови граници на неговото музичко творештво, но и во комплетниот пристап кон еден лонг-плеј албум. Осум години
по неговото последно „целовечерно“ издание, хамбуржанецот се враќа со егзотична и донекаде носталгична музика, која сепак носи нешто ново, шармантно и неочекувано. Од амбиентални приказни („Homesick“, „Das Wort“), преку инди-експерименти („My Plans“), до траки кои може да послужат и за подиум (насловната „Amygdala“, заедно со Milosh), албумот е пример за цврсто и зрело остварување на еден талентиран и
искусен продуцент.

Во оваа успешна мисија, на DJ Koze му помагаат редица одлични музичари кои тој ги одбра за ова свое
издание: Caribou, Apparat, Matthew Dear, Dirk Von Lowtzow, Ada, Milosh, Tomerle & Maiko. Свежината на
„Amygdala“ можеби потекнува токму од соработниците на овој албум, чиј придонес кај секој од нив е
оригинален и ненаметлив. Од критичарите веќе наречен „Sgt Pepper на DJ Koze“, „Amygdala“ заслужува да го
слушнат сите што имаат симпатии за техно-спектарот од електронската музика. Последното издание на германскиот мајстор е иднината на електронскиот звук, каква што јас би ја посакал.

П.С.

Албумот на DJ Koze нуди уште една згодна аналогија: постои паразитски микроорганизам од семејството Protozoa (Toxoplasma gondii), чија главна цел се мачките. За да стигне до својот домаќин, Protozoa-та најпрво се вселува во мозокот на глушец, напаѓајќи ја токму Amygdala-та. По ова, глушецот, лишен од чувството на страв, безгрижно се доближува до мачката и станува жртва, помагајќи му на паразитот да ја оствари својата цел.
Слично како и несреќниот глушец, слушајќи го „Amygdala“ на Dj Koze, се фатив како без страв и грижи, среќно пловам кон подобри музички времиња.

Жарко Настоски