Во Јавна соба вчера се одржа настанот „Мисли на глас“ во организација на Младински образовен форум, како дел од инцијативата на граѓански организации „Зачекори напред! Изборот е твој“.
Тројца говорници од Македонија и Европа ги споделија своите знаења и искуства низ едукативни говори, по што следеше дебата на тезата: Успешен референдум (не) е единствен пат за европска Македонија.
Лура Положани, зборуваше дали има место за младите во политиката и кажа дека работите се менуваат, и важно е новите генерации да преземат чекори и да ја креираат насоката.
Денис Прешова кој зборуваше за поимот референдум кажа: „На референдум не се одлучува на кого ќе му го дадете мандатот и правото да ги носи одлуките во одреден временски период. Се одлучува за конкретно прашање кое ви е предочено на кое треба да дадете одговор за или против“.
„Младите мора да се осигураат дека ќе најдат начин да започнат меѓугенерациска дебата, но и дека ќе поттикнат раст“ кажа Мете Кобан од My Life My Say, Велика Британија.
По конференцијата, присутните можеа да проследат дебата на тезата: Успешен референдум (не) е единствен пат за европска Македонија.
Ставовите ги спротивставија Катерина Колозова и Горан Михајловски, наспроти Марко Трошановски и Јана Лозаноска.
Катерина Колозова ја започна дебатата со аргументацијата: Ако ја разбереме Европа и европскиот пат на Македонија како влог кон одредени вредности, овој договор е влог што се исплати на тој пат кон вредности и семејство на нации.
Марко Трошановски аргументираше: Добар историски момент или неповторлив момент не постои. Многу луѓе сметаат дека може да се постигне подобар договор.
Горан Михајловски даде коментар: Цел мој работен век чекам промена. Секогаш може да има подобар договор, но веќе не ми се чека.
Јана Лозаноска рече: Тажно е што уште има толку стереотипи и етикети во Македонија. Или си за или бојкотираш, нема средина, и тоа е катастрофално.
Преку овој настан МОФ сака да овозможи подобар пристап до информации поврзани со придобивките и предизвиците за пристапување во Европската Унија, како и продуктивна и инфoрмативна дикусија низ култура на дијалог. Настанот „Мисли на глас“ е организиран во склоп на граѓанската иницијатива „Зачекори напред! Изборот е твој“ спроведена од 10 граѓански организации со поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија.