Правниот факултет „Јустинијан Први“ денеска потпиша договор за соработка со Претставништвото на УНХЦР во Скопје.
Потпишувањето на договорот го означи почетокот на спроведувањето на заедничкиот проект – Правна клиника за право на бегалци, во чии рамки ќе се активира предметна програма „Бегалци, мигранти, лица“ без државјанство и криза на човековите права.
Програмата ќе биде достапна во вториот циклус студии по Меѓународно право и односи и право на Европска унија, како дел од глобалната листа на изборни предмети на Универзитетот Св. Кирил и Методиј.
„Интердисциплинарниот пристап кон темите кои ќе бидат обработувани и со тоа содржинска и методолошка збогатеност на целокупната студиска програма на Правниот факултет, унапредување на знаењето на студентите и нивното разбирање на тековните и важни теми како човековите права од една страна, и од друга состојбите на страдање на големи групи како она на бегалците, мигрантите, лицата без државјанство, фокус кон програмите на Правниот факултет кои може да бидат интересни и отворени кон љубопитноста на студентите од соседните хуманистички науки“, рече деканот на Правниот факултет Горан Коевски.
Претставникот на УНХЦР во Скопје, Дејан Кладарин, истакна дека од особена важност е воспоставувањето соработка со Правниот факултет„Јустинијан Први“.
„Затоа би сакал да изразам голема благодарност до Правниот факултет за отвореноста да дадат важност на прашањата кои се актуелни во светот, во регионот и во земјава, како и за поготвеноста да воведат програма која ќе ги третира прашањата за заштита на бегалците и на таа тема ќе работи со идните правници со цел нивно насочување кон правичност и, пред сe, човечност“, рече тој.
Се очекува програмата да биде на листата изборни предмети на почетокот на ноември годинава.