„Извидник“ на Алекс Цветков вечерва го затвора „Браќа Манаки“

Опседнатоста со технологијата на новото време, зависноста од социјалните мрежи и како тие се одразуваат врз животите на луѓето, се темите што ги обработува краткометражниот игран филм „Извидник“ на младиот режисер со македонско потекло Алекс Цветков кој во моментов живее и работи во Словенија.

Филмот, кој има доминантна македонска продукција, премиерно ќе биде прикажан на утрешното официјално затворање на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Станува збор за краткометражен научно-фантастичен филм работен по сценарио и режија на Алекс Цветков. Цветков е син на популарниот каскадер од Македонија, Рок Цветков, кој стекна светска слава работејќи на холивудски филмови како „Шиндлерова листа“, „Патриот“, „Ничија земја“ и др. Младиот Цветков студира режија во Лос Анџелес, а овој дебитантски филм е негова дипломска работа. Освен Цветков, македонската екипа која работеше на филмот ја сочинуваат и продуцентот Сашо Пешев, кој е носител на проектот преку продуцентската куќа „Ново македонско видео“, кинематографот Дејан Димески, а визуелните ефекти на филмот ги работеа студиото за пост продукција „Видео Хаус анимејшн“ и македонски артисти. Кастингот на филмот е интернационален, а главните улоги ги толкуваат Мозес Гомез – Сантош, Хоџи Фортуна, Ула Фурлан и др.

Дејството на филмот е дистопија, се случува во дехуманизирано општество во кое апликацијата „скаут“ е најпопуларната социјална мрежа меѓу луѓето преку која тие може да споделуваат видеа во живо или вести, за што добиваат пари. Колку е подобар стримингот што го имаат, толку повеќе пари и популарност ќе заработат. Така, сите постојано снимаат популарни личности и криминални активности, без да се обидат да им помогнат на жртвите. Главниот лик е Гас, професионален мотоциклист особено популарен на „скаут“ со огромен број следачи. Гас е апсолутен зависник од адреналин и од социјалната мрежа, тој живее за своите следбеници и можноста да ги воодушеви со неговите способности. На денот на неговата венчавка со Сара, Гас е решен да го има најдобриот ден во животот. На инсистирање на Сара, тој го остава телефонот и ветува дека нема да врши пренос во живо. Но, денот нема да биде совршен како што замислил Гас.

Филмот „Извидник“ е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија.

На последниот ден од фестивалот ќе може да се погледне и филмот „Црн-Кју-Клукс-клан-овец“ на режисерот Спајк Ли, со почеток во 22:30 часот.