Претседателката на Здружението „Инклузива“, Благица Димитровска, изјави дека и за референдумот има проблеми со остварувањето на правото на глас на лицата со попреченост затоа што гласачките места не се пристапни.
„За првпат по наша препорака ДИК подготви граничник за потпишување на сите граѓани со посебен фокус на лица со попреченост. Во 60 гласачки места граничникот не се користи“, наведе претседателката на „Инклузива“ на заедничката прес-конференција со Цивил.
Таа посочи дека утрово, при референдумското изјаснување, еден нивен набљудувач од страна на претставник на МВР бил спречен да влезе на избирачко место, но по 15 минути бил пуштен.
„Има неколку лица кои не се најдени на избирачкиот список. Претпоставуваме како Здружение дека во меѓувреме им е одземена деловната способност и се избришани од гласачкиот список, што е невидена дискриминација во нашата држава“, рече Димитровска.
Во меѓувреме тече гласањето на референдумот. Останува уште еден час до крајниот рок за гласање.
До 17 часот излегле 455.771 односно 28,83 отсто од вкупно запишаните во Избирачкиот список, соопштија од ДИК. Ова се податоци од обработените информации од 87,25 отсто од општинските изборни комисии.
Во однос на нерегуларности, од МОСТ информираат дека 11 лица од Чаир не се пронашле на Избирачкиот список, додека во Центар регистрирани се 12 случаи на групно гласање.
МВР, пак, регистрирало уште шест нови инциденти кои се однесуваат на фотографирање и навредување гласачи.