Гласањето заврши, избирачките места се затворени. Во Македонија денеска граѓаните имаа можност да одговорат на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот на Република Македонија и Република Грција?“ со заокружување „За“ или „Против“.
Право на глас имаа еден милион 806 илјади и 336 гласачи запишани во избирачкиот список. Но, според последните обработени податоци на Државната изборна комисија до 18:30 часот, на гласање излегле 620.077 гласачи или 34.72 отсто од вкупниот број.
Според податоците на страницата на ДИК, кои тековно ќе се обработуваат во наредните часови – „За“ гласале 90,94 отсто од гласачите, додека „Против“ гласале 6,13 отсто.
Денот помина во мирна атмосферата со исклучок на одредени инциденти кои се случија попладнето.
Референдумот е највисока демократска алатка на кој одлучуваат тие што излегуваат да гласаат, рече премиерот Зоран Заев во своето обраќање по завршувањето на гласањето.
„Ако имаме големо мозинство на тие што гласаа ЗА, тогаш јасна е определбата. Гласот на мнозинството треба да се претвори во одлука на пратениците“, рече Заев, додавајќи дека очекува огромно мнозинство во Парламентот, и покрај бојкотирањето на опозицијата.
„Очекувам пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја почитуваат волјата на мнозинството граѓани што гласаа на референдумот, ако не, ќе треба да ја примениме другата алатка – предвремени парламентарни избори веднаш. Македонија ќе биде членка на ЕУ и НАТО“, изјави Заев.
Лидерот на опозициската партија, Кристијан Мицкоски, пак, рече дека граѓаните кои гласаа против договорот, и оние кои oдбрале да апстинираат, ја испратиле најгласната порака – ова е Македонија.
„Овде живеат Македонци, нашиот идентитет е македонски, нашиот јазик е македонски, нашите предци биле Македонци“, кажа Мицкоски во своето обраќање пред јавноста.
Законските прописи велат дека за успешен референдум потребно е да биде исполнет цензусот од 50% од регистрираните гласачи односно на гласање да излезат 903.168 граѓани и повеќе од половина да гласале „за“.
Претходно во текот на денот ДИК соопшти дека излезноста на референдумот на дијаспората изнесува 36,56 отсто или гласале вкупно 985 лица од 2.694 лица со право на глас. Во затворите гласале 64.69 отсто од затворениците со право на глас. Од 1859 лица кои гласаат дома, односно болни и немоќни, гласачкото право го оствариле 1520 гласачи.