Ученици „летаат“ низ прозори – Насилството дел од македонското секојдневие

Четворица осмооделенци фрлиле соученичка од прозор на ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ во Општина Аеродром. Настанот кој се случил минатата недела и е пријавен пред два дена во полиција, ја згрози македонската јавност и повторно го отвори прашањето – какви генерации се школуваат во македонските училишта?

По првичниот шок, дека се работи за меѓуврсничко насилство, дилемата ја „разреши“ директорот на училиштето. Тврди, се работело за непромислена игра, децата ја играле за време на одмор и биле одлични ученици, а наставниците не знаеле за неа. За случката, додава, заработиле намалено поведение кое ќе им биде коригирано ако не прават вакви работи до крајот на училишната година.

Во очекување на официјални информации за тоа што се случувало во училиштето, психологот Ана Попризова, потсетува на горкиот проблем со кој секојдневно се соочуваат учениците.

„Она што не можеме да негираме е дека апсолутно се случува меѓуврсничко насилство во училиштата. Но, проблемот е многу покомплексен од она што сега се случува во јавноста, кога родителите и јавноста ги напаѓаат училиштата, училиштата ги напаѓаат родителите и нема реално согледување на состојбата ниту пак води до решавање на проблемот“, забележува психологот.

Неопходно е, вели Попризова, да препознаеме дека живееме во агресивно општество кое не го осудува насилството, со институции што не преземаат мерки против насилниците и со огромен праг на толеранција на насилство. Сето ова, забележува, се рефлектира и во училиштата.

„Родителите најчесто постапуваат од позиција на моќ, а наставниците и службите немаат институционална поддршка. Се е оставено на иницијативи во самите училишта кои последниве години почнуваат да работат на некои антибулинг програми и политики за справување со насилство. Но, ова не е прашање што може да се решава на микро ниво, туку бара здрава институционална акција за да може да се направи нешто посуштинско“, вели Попризова.

За почеток, предупредува, под итно мора да се ревидираат и осовременат застарените правилници за изрекување педагошки мерки што ги користат училишните психолози.

Мартина Илиевска, од Младинскиот образовен форум укажува дека за да се превенираат ваквите инциденти, најважно е соодветно да се реагира во случајот од ОУ „Ѓорѓија Пулевски“,

„Оваа случка, која беше окарактеризирана како неумесна детска игра, треба да претставува опомена за образовниот систем кој го занемарува воспитниот карактер на основното образование. Фокусот треба да се сврти кон зајакнување на воспитната улога на образованието со поголемо вклучување на родителите, наставниците  и психолошко-педагошките служби во училиштата како клучна алка во воспитно-образовниот процес“, вели Илиевска.

Судејќи според содржините на медиумите, заклучува дека насилството е присутно во училиштата и е огромен проблем, како за жртвите, така и за оние кои вршат насилство.

„Важно е да се работи на превенција на насилството, не само на реактивно казнување и решавање на случаи. На учениците, и на насилниците и на жртвите, како и на нивните родители мора да им се обезбеди советување за правилно да се надминуваат проблемите. За решавање на ваково комплексно прашање потребно е координиран пристап на надлежните институции, но и на професорите, педагошко – психолошката служба и на родителите“, вели Илиевска.

Драги Змијанац, од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, смета дека треба да се направат протоколи во училиштата за превенирање на насилното однесување, како и да се сензитивизираат децата да го препознаваат насилството.

„Ова насилно однесување меѓу врсниците укажува на тоа дека се запоставува работата со децата додека се на улилиште, и дека треба да се почне да се работи уште од најмала возраст“, вели Змијанац.

Според него, во случаите со меѓуврсничко насилство, освен учениците, треба да се санкционира и улилиштето кое дозволило акт на агресија.

Според него, недостигаат воншколски активност во кои младите на креативен начин ќе комуницираат меѓу себе. На децата, додава, им треба простор, време и луѓе кои ќе им посветат соодветно внимание, ќе ги сослушаат и ке им помогнат агресијата да ја трансформираат во нешто конструктивно.

„Институциите се неми набљудувачи, најчесто само евидентираат статистички бројки. Ние може да ја префрламе топката дека децата ни доаѓаат невоспитани од дома и не можеме да ги превоспитаме, или пак родителите да очекуваат дека воспитувањето како дополнителна компонента ќе биде вградена во образовниот процес и ќе се работи со децата. Но мора да сме искрени и реални дека имаме насилство насекаде околу нас, дека ова е општествен проблем со кој и младите тешко се справуваат“, вели Змијанац.

Реакција за случајот имаат и Коалицијата „Маргини“, од каде укажуваат на родовата компонента на насилството, бидејќи, жртвата е девојче, а според се уште непотврдените информации, тие кои ја фрлиле биле момчиња.

„Особено алармантни во оваа ситуација се односот на директорот и дел од наставниот кадар во училиштето, чиишто изјави се обидуваат да го минимизираат овој насилен чин, да ги порамнат сите страни во настанот како подеднакво жртви, и да ја минимизираат сериозност на проблемот за насилно однесување на момчињата преку посочување на нивните добри постигнување и оценки. Вчудоневидени сме од леснотијата со која повредите на телото на девојчето се оправдуваат од страна на погоренаведените со нејзиното (и на други девојчиња) свесно и „доброволно” учество во овие „игри”. Уште пострашно за нас е дека овие „игри” се случувале веќе извесен период во училиштето, а притоа нејасно е каде биле и каква е одговорноста на училишните служби, наставниците и директорот за сето ова време“, велат од „Маргини“.

Според тврдењето на директорот на училиштето, на четири деца им е намалено поведението, а ако не направат грешка до крајот на учебната година ќе им бидат отповикани казните. Сите останати ученици кои го следеле настанот или снимале со мобилните, заработиле усна опомена.

J.J.