„Дали се согласувате со законот за ревизија на Уставот на Романија во формата, одобрена од Парламентот?” е прашањето на кое околу 19 милиони Романци ќе може да гласаат на референдумот кој се одржува денес и утре во Романија.
Референдумот би можел да го промени Уставот со цел експлицитно да биде наведено дека бракот е заедница помеѓу маж и жена, а не меѓу сопружници, како што е во моментов. Иницијативата за уставни промени собра три милиони потписи.
Иницијативата неодамна ја поддржа Романската Православна Црква, чиј патријарх неодамна изјави дека референдумот е „исказ на патриотизам“.
Премиерката Виорика Данчила претходно рече дека референдумот „не е против сексуалните малцинства, туку е резултат на една граѓанска иницијатива“. Таа исто така ги повика партиите јасно да ги кажат своите ставови, наместо да го бојкотираат гласањето.
Претседателот на владејачката Социјалдемократска партија Ливиу Драгнеа ја поздрави одлуката на Парламентот со која се одобри граѓанската иницијатива за ревизија на Уставот. Одредени пратеници од конзервативната источноевропска држава тврдеа дека Уставот треба да се промени на верска основа.
Со референдумот, правно гледано ништо нема да се смени бидејќи романското законодавство секако не дозволува истополови бракови. Но, експлицитната забрана ќе го отежне, всушност ќе направи и невозможно идна, каква било промена, која би одела во прилог на хомосексуалните двојки, истакнуваат противниците на рефрендумот.
Тие стравуваат и од јакнење на регресивната клима во земјата, со согласност на левичарската влада, чии демагошки настапи ги загрижуваат активистите за заштита на човекови права.
Исто така, реагираа и меѓународни организации, меѓу кои и „Амнести Интернешнел“, потенцирајќи дека референдумот може да доведе до кршење на меѓународните стандарди за човекови права и да поттикне хомофобична дискриминација во земјата.
„Последица, најверојатно, ќе бидат понатамошни ограничувања на приватниот и семејниот живот на испополовите двојки и нивна дискриминација во секојдневниот живот”, додаде организацијата.
Дел од организациите, исто така, оценуваат дека овој референдум е алатка за амнестија од корупциските скандали кои ја тресат Романија. Среде политичка криза, дефиницијата на бракот како „врска меѓу маж и жена“ дополнително ја зоврива атмосферата и внесува јаз во општеството.