Жената, која пред една недела на аукција ја купи сликата „Девојчето со балонот“ на уличниот уметник Бенкси, која веднаш по продажбата се самоуништи, не се откажува од набавката на делото.
Светот на уметноста остана шокиран кога половина од сликата, една од најпознатите на Бенкси, беше изрежана на парчиња од секач вграден во рамката на делото. Трансформираното дело доби и ново име: „Љубовта е во канта за ѓубре“, како и одобрување од самиот уметник.
Од аукциската куќа Сотеби, потврдија дека купецот, колекционерка од Европа, која е нивна долгогодишна клиентка, останува на својата одлука да ја набави сликата за 1,04 милиони фунти.
„Кога беше завршена аукцијата и кога делото беше изрежано, најпрвин бев шокирана, но потоа сфатив дека ќе добијам свој дел од историјата на уметноста“, изјавила колекционерката според аукциската куќа.
Според секторот за односи со јавност на Сотеби, од аукциската куќа не знаеле за скриениот режач во сликата и дека и самите биле изненадени од моментот.
Бенски, на социјалните мрежи, објави видео во кое објасни како направата тајно ја вградил во рамката на сликата пред неколку години во случај неговото дело да заврши на аукција. Неговиот агент изјавил дека малку е веројатно уметникот да соработувал со Сотеби, бидејќи Бенкси никогаш не правел договори со институции.
Новото уметничко дело ќе може да се погледне во галриите на Сотеби во Лондон на 13 и 14 октомври, по што ќе биде предадено на новиот сопственик.
Алекс Бранцик, директорот на одделот на современа уметност на аукциската куќа, изјавил дека Бенкси не уништил уметничко дело, туку дека створил ново.
„По неговата изненадувачка интервенција, задоволни сме што можеме да ја потврдиме продажбата на делото, кое сега се нарекува „Љубовта е во канта за ѓубре“, првото во историјата кое е создадено во живо, за време на лицитација“, рекол Бранцик.
Во текот на следниот месец, други дела на Бенкси ќе бидат изложени на аукции, а од аукциските куќи ветуваат дека ниту едно од делата нема да се „изреже или експлодира“.