Од Независниот синдикат на образование и наука (НСОН) обвинија за непочитување на работничките права на просветните работници и преку барања до повеќе институции инсистираат на решавање на проблемите со кои се соочуваат оние работници кои не се членови на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК).
Помеѓу барањата кои ги испорачаа на пресконференција се ревизија на колективниот договор, кој според нив, ги штити само правата на членовите на СОНК, како и проблем со намалени денови од годишниот одмор со кои се соочиле дел од просветните работници.
„На дел од колегите, кои не се членови на СОНК, им беа намалени денови од годишниот одмор, а на други не им се почитува волјата да отстапат од синдикатот и ставени се во позиција без нивна волја да им се одзема членарина за организација во која имаат изгубено доверба. За овие проблеми веќе одамна се имаме обратено до Народниот правобранител, Државниот инспекторат за труд, Просветниот инспекторат, локалната самоуправа, а известени се и министрите за образование и за труд и социјална политика, но проблемите сѐ уште не се решени“, изјави денеска Жаклина Свеќаровска, претставник на Независниот синдикат за образование и наука, пренесе МИА.
За обвинувањето дека на дел од просветните работници им се скратени денови од годишниот одмор Министерот за образование и наука Арбер Адеми одговори дека ако евентуално имало такви ситуации, ќе се разгледаат и во рамки на Министерството, но и со синдикатите, бидејќи, како што кажа, приморани се социјалниот дијалог да го негуваат со сите за сегнати страни.
„И годинава е запазена истата постапка што се спроведувала години наназад кога се работи за правата и обврските на сите кои се вклучени во образовниот систем, а тоа е да се потпишува договор со најрепрезентативниот синдикат. Во нашиот случај за покачување на платите за пет проценти за сите просветни работници, но и за други права и обврски кои произлегуваат од Колективниот договор и спогодбите што ги потпишуваме со СОНК е запазена истата постапка и не се работи за никаква дискриминација. Тие права важат за сите што се вработени во образованието“, објасни Адеми.
Од НСОН истакнаа дека доколку овие проблеми не бидат сериозно сфатени и решени во најбрз можен рок ситуацијата ќе ја пријават и во европските организации за заштита на работничките права.
„Во моментот изгледа како некој во нашата држава свесно да премолчува за притисоците и нерегуларностите во образованието. Ќе поднесеме и кривични пријави против сите чинители кои не постапиле за решавање на овие проблеми и покрај тоа што за истите беа известени во повеќе наврати“, додаде Свеќаровска.