„Pixyle“ е кованица од „pixels“ и „style“. Исто така, името „Pixyle“ стои и за млада македонска компанија, основана во Штип, чиј тим ја доби третата Награда за социјално претприемништво за 2018 година (Social Impact Award 2018). Компанијата работи со одржлива мода. Мисија им е да го поттикнат значењето и потрошувачката на одржлива мода, што индиректно би имало етичко, општествено и еколошко влијание.
Идејата е со „пиксели“ од слики да се најде „стил“. Односно, преку вештачка интелигенција да се препознаат различни модни атрибути во некоја фотографија, за да можат луѓето полесно да си најдат парчиња облека од одржлива мода.
„Пример, ти се допаѓа кошула облечена на некој човек. Ќе можеш да ја споделиш сликата на нашата платформа, а ние ќе ја процесуираме и ќе најдеме слични кошули, меѓутоа од одржлива мода. Со модерни технологии ќе направиме лесно пребарување на желбите на купувачите, во нивен стил, но од одржливи брендови“, објаснува за Радио МОФ Светлана Кордумова Трајанова, основачот на „Pixyle“.
Компанијата работи на веб-платформата. Прават колекција, ги собираат продуктите од различни онлајн продавници. Детали за самиот продукт, опис како е произведено парчето, какви органски материјали се користат.
Моментално собрале околу 8.000 продукти.
„На платформата ќе можат да разгледаат продукти по категории – палта, фустани, кошули, маици итн. Наместо да пребаруваат на ‘Гугл’, преку нашата веб-платформа ќе бидат сигурни дека се’ што нудиме, сите производи се одржлива мода“, вели Кордумова Трајанова.
Според неа, концептот на одржлива мода во превод значи – облека што не ја загадува околината. Производи без многу штетни хемикалии, а тука влегува и целиот процес на изработка и одржливите извори на енергија при продукцијата.
„Ние го правиме сето ова за луѓето полесно да се пронајдат. Да се запознаат со брендови кои не се толку познати, и не се големи експлотатори. Да разберат што е одржлива мода. Да бидат свесни што значи целиот ‘животен циклус на едно парче облека’ (life cycle of one clothing). Бидејќи секое парче облека што го гледаме по излози, или го купуваме од продавница, во позадина има историја. Цела своја приказна“, нагласува основачката на „Pixyle“.
Важен аспект е транспортот, но и условите на работа на самите луѓе што ја произведуваат таа облека.
„Почнувајќи од полињата за памук, памучните топки, целиот земјоделски процес… Се’ влијае на производот. Памукот се носи во фабрики каде се произведува материјалот. Потоа во други фабрики се бои материјалот. Значи, многу транспорти од едно до друго место – многу прописи на изработка. Материјали се носат и во складишта, се чуваат под стандарди, а важно е во каква околина и услови работат луѓето. Дали се добро платени, со соодветно работно време. Цел нивен животен стил го повлекува начинот на работата“, забележува таа.
Споменува статистики, потврда за голема екслотација на млади граѓани. Преку милион деца, вели таа, работат во земјоделски култури за производство на памук за алишта. Проблем гледа што на глобално ниво, таквото негативно влијание на модната индсустрија е непознато за пошироката јавност.
Затоа, со самото тоа што ја прават оваа платформа, паралелно пишуваат и блог-постови со корисни информации.
„Луѓето да станат свесни што се случува кога купуваат облека од одржлива мода. Всушност, на тој начин, граѓаните и самите го креваат гласот против лошите практики во модната индустрија. Гласаат за подобро општество и иднина за нив, и за нивните деца. Ако сите се префрлиме на одржлива мода, самите фирми ќе се ориентираат според таквите потребите на потрошувачите. Тогаш би имале многу повеќе брендови на пазарот кои ќе се грижат за правата на работниците, материјалите на производите и одржливостна на околината“, констатира Кордумова Трајанова.
Бојан Шашевски