Два мајмуни, загледани во далечината додека се одмораат на камен, е победничката фотографија на Холанѓанецот Марсел Ван Устен на овогодишното Натпреварување за најдобар фотограф на дивината.
Фотографијата е направена на планината Ќинлинг во Кина, а фотографот морал да ги следи мајмуните неколку дена, за да го предвиди нивното однесување. Неговата цел била во еден кадар да ги улови прекрасните влакна на грбот на мајмуните и сината боја на нивните лица.
Упорноста на Ван Устен најпосле се исплатила, а фотографот за ББЦ изјавил дека е „шокиран и почестен“ што ја добил наградата.
„Среќен сум дека наградата ја добивам за оваа конкретна фотографија бидејќи се работи за загрозен вид животни, за кои многу малку луѓе знаат дека постојат. Важно е да сфатиме дека постојат голем број видови на нашата планета кои се под закана. Не се работи само за носорозите, тигрите и поларните мечки и овие видови заслужуваат многу повеќе внимание и заштита од тоа што го добиваат“, рекол Ван Устен.
Наградата за фотограф на дивината започнала да се доделува од 1964 година и е една од најпрестижните во светот на фотографијата. Натпреварот сега го организира Националниот музеј на историјата од Лондон.
Во продолжение ви ги пренесуваме фотографиите кои победија во другите категории на натпреварувањето:
„Леопардот кој се релаксира“ на Скај Микер – победник во категоријата „Млад фотограф“, за неговата фотографија од леопард со скршена нога во природен резерват во Боцвана. Микер е 16-годишен фотограф.
„Бувови во цевка“ од Аршдип Синг – победник во категоријата „Помлад од 10 години“
„Кревет од фоки“ од Кристобал Серано – победник во категоријата „Животни во нивната природна средина“, за фотографијата од фоки кои се одмараат на парче мраз на Антарктикот.
„Оси кои тркалаат кал“ од Џорџина Стејтлер – победник во категоријата „Однесување“, за фотографија од инсектите како носат кал со која ги прават своите живеалишта во кои несат јајца.
„Ноќен лет“ од Мајкл Патрик О Нил – победник во категоријата „Подводна фотографија“
„Тажниот кловн“ од Жоан Де Ла Мала – победник во категоријата „Фоторепортерство од дивината“, за шокантната слика од улично мајмунче во Индонезија кое е принудено да носи маска на кловн
„Мајка заштитничка“ од Хавиер Азнар Гонзалез Де Руеда – победник во категоријата „Портфолио фотограф на дивината“
„Одлучност“ од Давид Херасимтшук – победник во категоријата „Однесување, водоземци и рептили“, за фотографијата на саламандер кој во забите држи водна змија во реката Телико, во Тенеси, САД.
„Однесено со виорот“ од Орландо Фернандез Миранда – победник во категоријата „Земја и животна средина“, за фотографијата од пустинскиот ветер во Намибија.