Кога сликата „Девојка со балон“ на уличниот уметник Бенкси се самоуништи, откако минатата недела на аукција беше продадена за 1,4 милиони долари, изгледаше како перфектна шега, која го шокираше и изненади светот на уметноста.
Но, анонимниот ументик, преку ново видео покажува дека работите не се одвивале според планираното. Снимка од мобилен телефон од лицитацијата во Лондон покажува дека сликата се уништува низ секач, сокриен во рамката на сликата, пред да запре на половина од сликата и делото да биде отстрането од службените лица на аукцијата.
Но, новото видео, објавено на интернет-страницата на Бенкси, сугерира дека сликата од 2006 година требала да биде целосно уништена. На снимката може да се види копија од сликата како целосно, од горе до доле, се сечка на мали парчиња од платното кои отпаѓаат од рамката.
Видеото е објавено заедно со порака: „На пробите работеше при секој обид“.
Насловено како „Исечкана љубов – Верзија на режисерот“, три минутното видео покажува дополнителни детали околу начинот на кој секачот е инсталиран во сликата. Снимката покажува дека трикот е инициран со далечински управувач.
Но, видеото истовремено се исмева и со уметничката индустрија. Сцените снимени пред продажбата на делото се измонтирани заедно со делчиња од разговори како „Уште шампањско?“.
Кратко по аукцијата, „Сотеби“ соопшти дека сликата е преименувана во „Љубовта е во канта за отпадоци“. Купецот, според информациите на аукциската куќа, потврдил дека не се откажува од набавка на сликата, додека шпекулациите во уметничкиот свет се дека делото всушност добило многу поголема цена по делумното самоуништување.
„Сотеби“ соопшти дека нема никаква поврзаност и не знаеле за намерата на Бенкси.