Љупчо Ристески добитник на „Плакета Милтон Манаки” за „Клучарот Цако”

Љупчо Ристески, автор на аматерскиот документарен филм „Клучарот Цако”, е добитник на гран-при „Плакета Милтон Манаки” на 26.Интернационален фестивал на аматерски (непрофесионален) документарен филм „Камера 300″ што се одржува во Битола.

Организаторот на фестивалот информираше дека изборот е направен во конкуренција од 52 документарни филма на автори од повеќе европски држави.

Жирито одлучи „Златна камера 300″ да им се додели на авторите Драго Латиновиќ и Илија Галоња од Србија, кои на фестивалот во Битола настапија со документарниот филм „Зов”.

„Сребрена камера 300″ доби Ема Лазарова за документарецот „Никогаш повеќе”, додека „Бронзена камера 300″ освои Ролф Мандолеси од Италија со филмот „Без смисла”.

Традиционално, жирито одлучи да додели и награди „Златен медал на УНИКА”, Плакета на Општина Битола, Плакета за монтажа, идеја и репортажа, а Плакетата за режија, која се доделува во чест на Драги Савевски, годинава ќе му биде доделена на Радован Ѓериќ од Србија за филмот „Банатски блуз”, истакна Стевче Хаџиантоновски, директор на ФАДФ „Камера 300″.

Врачувањето на наградите и прикажувањето на наградените документарни филмови ќе биде во рамки на  празничната програма за Денот на ослободувањето на Битола – 4 Ноември.