Концерт во Планетариум: Звук Караџиќ

Малата мечка повторно ги кани музичките истражувачи на ново концертно доживување во Планетариум МКЦ, каде на 25 октомври (четврток) од 21 часот е најавен концертот на „Звук Караџиќ“.

„’Звук Караџиќ’ е здружение на музичко-книжевни импровизатори, безгрешно зачнато една убава септемвриска вечер на скопското Кале. Во здружението можат да учествуваат сите кои си ги заборавиле партитурите на пулт, или тетратките со стихови во фиока; сите кои мислат дека имаат што да кажат во мигот на случувањето и сите кои сакаат да се препуштат на моменталната фантазија и да одлетаат далеку, далеку и најблиску до себеси“, стои во најавата за настанот.

На концертот во четврток ќе учествуваат Костадин Делиниколов, Ѓорѓе Јовановиќ и Владимир Лукаш, а за планетариумската проекција ќе се погрижи вселенскиот маестро Даниел Анастасов.

Билетите во строго ограничен број (60) се достапни на билетарницата на МКЦ, по цена од 150 денари.