„Дал Господ природа, ние ја уништуваме“, се слушна од седиштето на возачот во речиси празниот автобус, кој по долги часови возење по „крпениот“ пат се доближуваше кон Охрид. Градот, светски познат како Балканскиот Ерусалим, често ќе го сретнете во списанија за рекламирање туристички локации опишан како место „кои не смеете да го пропуштите во вашиот живот“. И нема да згрешите. Охрид навистина е убав, со вода налик на тепсија и автентични архитектура и природа. Но, она што нема да го најдете во промотивните списанија е дека Охрид полека го губи својот идентитет од дивите висококатници и инфраструктурните зафати на крајбрежјето.
Охрид во октомври – сè уште може да се забележат странски туристи кои решиле да ги искористат последните чартер летови за оваа сезона. Итаат да ги фатат зраците на силното сонце, кои овде често ги има.
„Едно евро до Стар Град“, им довикува еден од локалците од своето кајче со неговото куче-придружник. Вели годинава била слаба со муштерии – секој сака да се слика, но не сака да плати.
Долж кејот, пак, фатени рака под рака, жителите го искористуваат убавото време и чистиот воздух за девна прошетка.
„Охрид има природа, но не се цени“, вели Сара, средношколка од Кичево која ја сретнавме додека ги хранеше галебите.
„Ме нервира што насекаде гледам градежен шут. Ако продолжат вака ќе го направат градов како Скопје“, додава таа.
Според неа, градот полека ја губи својата карактеристика.
„Кога ќе помислиш на Охрид, прво се сеќаваш на охридската куќа, а не на висококатница“, забележа таа. „Треба да се внимава и да се одржуваат старите градби, бидејќи секогаш она што е поголемо и поново, не значи дека е подобро“, ни посочи Сара, по што продолжи да ги храни птиците со лепчето што ѝ останало од ужинката.
Во строгиот центар – мирис на свежо приготвена риба и музика од рестораните, а се наслушнуваат и дневно-политичките препирки меѓу локалците.
Но, дел од нив немаат време да ги решаваат светските проблеми. Некој мора и да работи.
Таков е случајот со Селим. Седнат на минијатурно столче покрај неговите четки за чистење чевли. Вели ова го прави во последниве 25 години, колку да им однесе нешто на своите осум деца.
„ Сè е по старо. Кој има пари ќе преживее, кој нема, Господ да го чува“, вели Селим.
„Не знам од кај да почнам да зборувам, има многу проблеми. Ако почнам, цел ден треба да ме снимаш“, се пошегува, упатувајќи се кон Народната кујна со канчето спремно во рака. Тоа ќе биде неговото јадење за денес.
Ни раскажа за неговите деца и нивните обиди да се вработат. Но, како и најголемиот дел од младината, или останале без работа, или заминале во странство на сезонска работа.
„Велат ќе се менувал Уставот. Во ред, нека се смени, ама така што повеќе нема да се краде од сиромавиот“, вели револтирано.
Насобрани повеќе граѓани пред градската народна кујна, го чекаат оброкот на денот. Еден од нив вели дека често е понижуван поради тоа што е сиромашен.
„Во Охрид веќе не се живее. Веќе не е тој Охрид што беше. Сите мислат дека само за гостите е скап. Не е точно. Затоа што и на зима е скапо, а работа никаде нема. Не може со социјална помош од 6 до 8 илјади денари да живее четиричлено семејство. Децата треба да одат на школо и да им дадеш пари. Во државата нема ред, кој како сака прави. На подбив сме од секој што ќе помине“.
„Охриѓани се најмизерни. Зошто? Овде десет отсто живеат како грофови, а 90 отсто работат како робови. Треба да имаш вујко кадија, за да бидеш поп“, потсети тој на познатата народна изрека и се пожали дека неговото дворно место присилно станало парцела за нова зграда.
Секој со своите проблеми, а очигледно ги има многу. Нашата прошетка ја продолживме низ центарот каде на излозите ги забележавме познатите охридски бисери. На стотина метри подалеку се сретнавме со продавач кој рачно изработува накит и украси и ги продава на импровизирана тезга на отворено.
Тој се пожали дека повеќепати бил казнуван бидејќи немал дозвола, а кога отишол да ја побара од Општината, не му дале.
„Ова што го правам е атрактивна работа, ама нема кој да те сослуша“, вели тој.
„Јас ова го работам од 76-та и ми е многу жал што во Македонија не се најде решение за овие рачни изработки, а после на телевизија ќе кажат дека занаетите умираат. Па, умираат кога на луѓето не им даваш да работат. Каде и да одиш, те примаат со раширени раце, овде казни ти пишуваат“, викна налутено.
Развој на туризмот на сметка на природата
„Охрид – Град на УНЕСКО“ гласи таблата на влезот од општинската зграда. И овој податок често се користи во промоцијата на градот. Како локација чие културно и природно наследство е под закрило на УНЕСКО, често е главна причина зошто туристи доаѓаат дури од далеку за да го посетат Охрид. Ретко кој знае дека градот, но и државата, веќе ризикуваат да го загубат овој статус, токму поради узурпацијата на неурбанизирано земјиште, дивите депонии, сечата на дрвја…
Ни смената на власта од пред две години не успеа да направи некаков исчекор во решавање на овие проблеми, велат од еколошкото здружение Охрид SOS. Иако слушнале доста заложби, сепак на терен нема конкретна промена.
Тие од самиот почеток се залагаат за заштита на Студенчишко блато – кое од многу домашни и странски експерти е прогласено за природен филтер и белите дробови на Охридското езеро.
По предлог на новиот градоначалник од редовите на СДСМ, Јован Стојаноски, Охрид ЅОЅ изработи и предлог Проект за заштита и туристичка валоризација на Студенчишко Блато во јануари 2018. Владата пак во март ги задолжи надлежните да отпочнат со процесот за прогласување на Блатото за Споменик на природата и Рамсар подрачје (заедно со Охридско Езеро). Во мај 2018 врвни научници за блатни екосистеми ја затворија европската конференција во Охрид со Декларацијата за заштита на екосистемот на Охридското Езеро, а на неа градоначалникот Стојаноски изрази решеност за заштита на Блатото до крајот на годинава, но до денес работите се сè уште на почетната точка.
Мораториумот за градба, како една од итните препораки на УНЕСКО со рок до 1 февруари 2018 остана исто така неспроведен.
„Често алармираме за проблеми со узурпација на неурбанизирано земјиште, диви депонии, сечење на дрвја. Нелегалниот хотел во Лагадин продолжи да се гради без дозвола, но не наоѓаме на соодветен ангажман од надлежните, локалниот инспектор за животна средина е комплетно недостапен. Се добива впечаток дека општината е сè уште недоволно одлучна за справување со суштинските проблеми и недоволно транспарентна кон граѓаните“, вели Соња Димоска од Охрид SOS.
Според неа, најалармантниот проблем кој треба да се реши е колекторскиот систем.
„Тој не само што не го покрива целото крајбрежје туку е во голем дел од годината нефункционален со прелевање на фекалиите во езерото околу 100 дена во годината. Прочистителната станица во Враништа според изјавите на првите луѓе на Проаква не работи/ше со месеци“, појаснува таа.
Во однос на урбанизмот, Димоска посочува на немање стратегија, ниту волја за паметно урбаното раководење. Инвеститорите и градежните фирми се ставени пред јавниот интерес, смета таа.
„Десетлетие и повеќе сведочиме ненормална урбана експанзија, дрворедите ги снема, во моментов фирма на општински советник е алфа и омега за градење станбени згради. Секторот за урбанизам е неприкосновен, а оној за животна средина немоќен да се справи со притисокот на урбанизацијата“, вели Димоска.
Според ресурсите и потенцијалот што ги има, Охрид би требало да е најбогатата општина, но тоа не е случајот. Напротив, таа е дури една од најзадолжените општини на Балканот.
„Има еден мал милион предизвици“, вели охридскиот советник за култура Митре Велјаноски, кој најголем дел од проблемите ги посочи на немањето финансиски средства.
Според него, прво треба да се реши проблемот со децентрализацијата, за која вели дека суштински сè уште не е постигната.
„Централната власт им ги префрли обврските на општините, а за себе ги задржа парите“, забележа тој.
„Секоја општина треба да располага со свои средства и да ги креира своите политики, а не да биде нем набљудувач“, додаде Велјаноски.
Тој вели дека „луѓето од културата се загрижени за тоа што му се случува на Охрид, но луѓето од бизнисот размислуваат поинаку“.
„Само од култура Охрид не може да живее, затоа што му треба да живее и од бизнис“, рече Велјаноски и додаде дека поголема грижа за Охрид треба да преземе и централната власт, но не само за пропагандни и политички цели.
Признава дека има пропусти во изградбата на одредени објекти покрај брегот, но вели дека е еднострано да се гледа дека за проблемите е виновна само локалната самоуправа. За тоа, вели Велјаноски, дало согласност и Министерството за транспорт и врски.
„Има дивоградби, но локалната власт не може да ги турне. Нема механизација, нема пари. Има решенија за туркање, нема пари за да отиде да турне објекти кои се спорни“, вели советникот за култура.
Негов предлог е да се направи национална стратегија, со основен приоритет заштита на природното и културното наследство.
Политиката навлезена во секоја клетка од општеството
Поголема транспарентност и поефективен механизам за заштита на локалната администрација од партиските притисоци, се дел од препораките кои Јелена Пероска од ЏЕФ Македонија ги посочи за Општина Охрид во последното истражување на организацијата за вработувањата во општинската администрација.
„Пред сѐ, процесот на стапување во контакт со општината и закажување на средби беше одолговлекуван. Исто така, постоеше отежната соработка во однос на договарањето на интервјуата и запазувањето на форматот на истражувачко интервју. На почетокот беше забележлива скептичноста и недовербата од страна на испитаниците, но како што се одвиваа интервјуата, наидовме на се поголема отвореност и соработка“, вели Пероска.
Главниот заклучок во нивното истражување, кое се однесува на уште две општини, Струга и Делчево, е дека во голема мера продолжува вработувањето засновано на партиската припадност на кандидатите.
„Со други зборови, во пракса, процесот на селекцијата на кандидатите е подложен на силни партиски влијанија и во голема мера се заснова на нивната партиската припадност. Ова е особено забележливо кога повеќето кандидати ги исполнуваат истите законски критериуми“, стои во истражувањето на ЦЕФ Македонија.
„ Ако кажеме дека е поинаку, ќе ве излажеме“, вели Велјаноски.
„Македонија од осамостојувањето до сега е премногу политизирано општество. Политиката е поставена над животот, не над вработувањето, над животот. И политиката треба во најскоро време да ги тргне рацете од институциите. Нема демократско општество без независни институции“, вели советникот за култура.
Но, според него, утопизам е да се очекува некој да им подари нешто. Ги повика граѓаните, заедно со медиумите да бидат дежурни критичари.
„Локалната власт е таа што треба да го штити интересот на Охрид, а не слепо да ги извршува работите од Скопје. Локалната власт треба да си ги штити своите приоритети, независно што политиката налага“, признава Велјаноски.
Целосната децентрализацијата звучи добро, но проблемот со одржливо управување на општината останува. Финансиите не се секогаш одлучувачко прашање за успешно работење, се спротивстави Димоска од Охрид SOS.
За многу од идеите кои тие ги предлагаат не се потребни големи финансии, туку разбирање, волја, добро менаџирање на сите нивоа од локална власт, бизнис секторот, малостопанствениците, школите, но и граѓаните воопшто.
Охрид доживува туристичка експанзија, потврдува новинарот Горан Момироски, кој веќе 16 години е негов дописник. Но, на Охрид сè уште му фалат многу работи.
И тој смета дека заштитата на езерото е важно бидејќи без него, не би имале туризам.
„Ако се земе предвид фактот дека Охрид е општина со најголем број на иселени лица, станува јасно дека градот има проблем, а тоа е се разбира е обезбедување на соодветна егзистенција на младите воопшто и за граѓаните кои живеат тука. Порано, Охрид бил град со најразвиена индустрија, втор индустриски центар во Југославија, податок кој е ретко познат, а денес ништо од тоа не работи“, забележува Момироски.
„Во суштина, остануваат сите прашања отворени кои го мачат овој народ изминатите 27 години. Тешко се менуваат кај нас навики, тешко се подобруваат одредени состојби. Ако се вратиме неколку години наназад, ќе видиме дека најгорливите проблеми не се разликуваат од тие од пред 2,5 или 10 години. Дали е поодбро здравството, инфраструктурата или образованието денес, одговорот е повеќе од очигледен. Се соочуваме со истите проблеми, на кој сè уште сите ние очекуваме дека ќе се променат, но засега тие промени не ги гледаме. Премногу енергија изминатите месеци е потрошена во решавање на прашања кои ја засегаат надворешната политика на државата, а на внатрешен план, сè уште чекаме нешто да биде направено“, вели новинарот.
Од Охрид си заминавме со зборовите на Момироски дека „сè додека во Македонија државата и институциите се најголем работодавач, не можеме да зборуваме за некаква иднина и перспектива“.
Емилија Петреска
Овој текст е изработен во рамките на проектот „Ништо друго не е важно? Случаи на корупција во вработувањето на јавните службеници во локалните самоуправи во Македонија“ поддржан од страна на Метаморфозис, Фондација за интернет и општество во рамките на проектот ACTION SEE. Мислењата и ставовите наведени во него се целосно на авторите и не ги одразуваат мислењата и ставовите на донаторот.