Родителите на децата од средното училиште „Коле Нехтенин“ во Штип денеска протестираат на булеварот „Гоце Делчев“ каде во петокот, на пешачкиот премин пред училиштето, беше прегазен 15-годишен средношколец, кој сè уште е во животна опасност.
Во најавата за протестот на социјалните мрежи, родителите од надлежните институции бараат санкции за случајот и заштита на децата од несовесните возачи.
„Ние нашите деца ги праќаме да се образуваат и воспитуваат за доброто на државата, а не да ги праќаме во смрт. До кога овој долгогодишен проблем со оваа црна точка во градот ќе го игнорираат надлежните и до кога ќе ни се трауматизираат децата. Ние сочувствуваме со болката на родителите на повредениот ученик и се молиме за негово поскоро оздравување. Се додека не се реши овој проблем нема да отстапиме од нашите барања и ќе останеме на нашиот став“, порачаа родителите.
15-годишното момче беше прегазено од 68-годишен возач во петокот утрината, додека поминувало низ преминот со група ученици на голем одмор. Од МВР соопштија дека на местото на настанот увид извршил јавен обвинител и екипа од СВР Штип и дека работат на целосно расчистување на случајот.
Протестот е најавено да трае до 17 часот.