Денеска во Музеј на град Скопје ќе се отвори изложба на Милена Атанасова насловена „Ослободување“. Станува збор за мултимедијален проект во којшто авторката низ танц, видео и музика, ја раскажува својата интимна приказна којашто опфаќа три клучни периоди од нејзиниот живот, своевидна coming-of-age исповед во којашто се испреплетени различни емотивни состојби кои флуктуираат и еруптираат во катарзично крешендо.
Поттикната од љубовта кон танцот, музиката и визуелните уметности, авторката се впушти во проект којшто претставува сублимат на нејзините долгогодишни преокупации и афинитети, своевидно заокружување на нејзиното авторско кредо но пред сѐ, психотерапевтско, спиритуално патешествие со коешто затвора специфично поглавје од своето битисување
Атанасова е родена во Кавадарци, 1985 година. Дипломирала на фиорентинската академија за уметност и дизајн ‘Accademia Italiana’, отсек моден дизајн, 2009. Оттогаш активно работи како моден дизајнер, моден илустратор, костимограф и стилист.
Во 2011-та година го основа својот моден бренд ‘atami’. Изложувала на модни ревии, саеми за мода и сл. земјава и во странство.
Зад себе има повеќе колекции, проекти, филмови и реклами, фото-едиторијали, колаборации со повеќе артисти, меѓу нив: Емилија Мишева (Em.Ellephantski), Игор Јосифов, Милчо Манчевски, Атанас Ботев, Ана Јакимска, Дина Дума, Бранко Костевски, Неда Дамчевска, ‘[0.10]error of harmony’, Ивана Коцевска, и други.
Годинава заедно со Емилија Мишева и Илија Стефановски Атанасова ја основа концептуалната продавница ‘error kolektiv’ поддржувајќи и промовирајќи македонски дизајн и уметност.
Дел е од новиот моден проект ‘И?’, заедно со колегите Никола Каракашов и Стефанија Насеска Попадинец.