2500 денари –толку чини цел магистерски труд, семинарските за поминување на испит се многу поевтини.
Купувањето и препишување трудови е „јавна тајна“, па секој заинтересиран студент може слободно да си пронајде труд на интернет со само еден клик или пак да побара оглас на оние кои ги продаваат на огласната табла од својот факултет.
Дури 42,8% од студентите во Скопје, сметаат дека препишувањето трудови е значително или многу застапено на нивниот факултет. Денес тоа се претвори во профитабилен бизнис кој прави лесно да се поминува на факултетите и експресно да расте бројот на дипломци, магистри и докторанти.
„Живееме во општество кога полесно е да се најде заобиколен пат отколку да се пристапи со труд кон работите, а особено затоа што сме сведоци дека живееме во услови на загрозена егзистенција каде многу луѓе заработуваат така што нудат некому да му направат семинарски труд или дипломска работа или дури некој магистерски и докторски. Ако ги разгледате социјалните мрежи има еден куп такви групи коишто нудат изработка на проекти. Е тоа веќе според мене сериозно прекршување на академската чесност што понекогаш дури тешко може да се открие“, вели професорката Татјана Б. Ефтимоска.
Еден таков случај пронајдовме на интернет страница каде буквално се продаваат трудови на која било тема и за кој било факултет. Лицето кое решивме да го контактираме се претставува како професор. Тој изработува магистерски и секакви трудови на која било тема, а ги уверува клиентите и дека содржината не е обично препишување од интернет.
Неодамна, Младинскиот образовен форум го презентираше регионалното истражување за перцепција на корупција во Високото образование. Во истражувањето беше спомнато и плагијаторството кое меѓу другото се однесува и на препишување трудови. Според Марија Мирчевска од МОФ, Македонија не е лидер во плагијаторство, но нашите студенти се многу потолерантни во однос на своите колеги од регионот.
Емилија Петреска