Две и пол години по концертот на „Psychic TV“, што ја одбележа 25-годишнината на радиото, „Канал 103“ во МКЦ на 24 ноември организира ново уникатно искуство во вид на музичкиот фестивал – „103 Генерации“.
„103 Генерации“ е целовечерен настан на два стејџа со четири бендови и артисти од Велика Британија, Шведска, Албанија и Македонија, сите со актуелни албумски изданија во 2018 година. Фоајето на кино „Фросина“ е резервирано за традиционалниот настап на диџеите на „Стотројка“.
„Инспирирани од нашата улога на ‘први во колоната’ на патот кон повисока (музичка) свест, искра светлина во мрачните лавиринти на македонската независна стварност, решивме да ве ‘изместиме’ од неа со еден супер современ музички настан. И тоа во духот на 27-годишниот процес на создавање автентична контра-стварност, духовна агора во којашто се пронаоѓаат и дејствуваат нови и нови напредни и храбри протагонисти на својот автентичен поглед на светот – 103 генерации. Во ова завртување назад и проценување на својот историски удел ја проникнавме идејата и пораката со која сакаме да ви се обратиме и да ве повикаме да ни се придружите во уште едно патување кон нашата заедничка контра-стварност. Во слава на музиката, слободниот дух и градот. Против стравот од промени и напредок, доминантната општествена глупост и примитивизам, омраза, национализам и разноразни теории на заговор“, стои во најавата за настанот.
Меѓу настапувачите се „The Oscillation“ од Британија, кои се повеќе процес отколку бенд во класична смисла на зборот или можеби најточно, збир од сонични излети на извонредниот музички ум на Демиен Кастеланос. Нивниот звук се опишува како модерна space rock психоделија отсвирена без компромиси и без поза. Во Скопје доаѓаат како трио за да го промовираат фуриозниот „Wasted Space“.
„The Field“ е псевдонимот под кој настапува Аксел Вилнер шведски електронски музички мастермајнд кој живее и работи во Берлин. Се работи за автентичен и повеќедимензионален артист пристапен и за друга условно не-електронска публика и покрај неговиот суптилен минималистички техно звук. Овој септември излезе успешниот и многу фален од критиката „Infinite Moment“, а во Скопје настапува првпат и тоа како дел од неговата европска промотивна турнеја во големите градови.
„I tpame i tvrame“ се дарк/минимал/колд вејв дуо од Тирана составено од Франц Курти и Дина Хајрулаху. Постојат само две и пол години, а во јуни веќе го издадоа третиот по ред албум „Ikin Vijnë“ со кој им се отворија вратите за успех и надвор од границите на Албанија. Негуваат дистописки мрачен, но современ електронски звук во кој суптилно се испреплетуваат синтовски и гитарски текстури врз кои одлично „вози“ етеричниот вокал на Хајрулаху.
„Susijat“ се четворка од Скопје. Деан Змејкоски, Тодор Караколев, Лазар Дарковски и Никола Дрвошанов се заедно од 2014 година, за наредната да го издадат нивниот првенец „Safety in Numbness“ за издавачот „Шарла“. Негуваат комплексен и повеќеслоен звук во кој доминираат влијанијата на американската андерграунд сцена од 80-те и раните 90-ти години или во слободен стилски опсег од пост хардкор до пост рок.
Боите на „Стотројка“, на вториот (електронски) стејџ, ќе ги бранат: Виолета Качакова, Илина Ангеловска, Ивана Драгшиќ, Мирко Попов и Андреа Салпе.
Билети во Југотон Рекордс, МКЦ и во продажната мрежа на МК Тикетс по цена од 350 ден. На денот на одржување на фестивалот, билетите ќе чинат 500 ден.